Loading Video...
Македонија
12. October 2026 - 16:38

Михаилова избега во Бугарија, каде и како ја минала границата?

Ива Михаилова од Кочани на која и се судеше за сообраќајка со смртни последици, избега во Бугарија. Во изјава за бугарските медиуми, тврди дека и се влошила здравствената состојба, па заедно со својот адвокат ја напуштила Македонија минувајќи преку граничен премин. Од Министерството за внатрешни работи, велат дека граничната полиција не регистрирала нејзин излез од државата. Легален влез на Михаилова, не пријавиле ниту бугарските гранични служби.

„МВР изврши проверки во системот за гранична контрола, при што е утврдено дека за лицето Ива Михаилова, за кое е во сила активна судска забрана, нема евидентиран излез од територијата на Македонија. Дополнително, преку Заедничкиот контакт-центар со Република Бугарија, извршени се проверки и од страна на бугарската гранична полиција, од каде што е добиена информација дека за наведеното лице нема евидентиран легален влез на територијата на Република Бугарија“, велат од МВР.

Михаилова пак преку медиумите уверува дека границата ја преминала легално – ги користела македонската и бугарската лична карта.

Нејзиниот адвокат од Бугарија кој ја придружува пред тамошните медиуми вели дека тој лично Михаилова ја пренел од Кочани до Софија. А, во тоа му помогнале македонски полицајци. Сепак, не откри преку кој граничен премин ја напуштил Македонија.

Адвокатот на Михаилова кој ја брани на судењето кое е во тек, вели дека е затекнат што таа се наоѓа во Бугарија. Уверува дека нејзиното отсуство нема да влијае на судската постапка.

Случајот во меѓувреме е главна вест за официјална Софија. Претседателката на Бугарија најави дека ќе се сретне со Михаилова, министерката за надворешни пак изјави дека бугарското МНР не учествувало во транспортот на Михаилова.

Од македонското МНР велат дека постапувањето на бугарските државни институции за бегството на Михаилова, ги подрива напорите за развој на добрососедските односи. Велат дека како земја членка на ЕУ, очекувале Бугарија да постапува во согласност со европските принципи за почитување на судските постапки.

Приемот на високо ниво на лице против кое се води судска постапка испраќа сериозно погрешна порака. Националната припадност и поседувањето друго државјанство не смеат да служат како заштита од одговорност пред надлежните институции. За развојот на случајот, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе ги информира меѓународните партнери, особено институциите на Европската Унија и Советот на Европа. Ваквите постапки, за кои постојат и претходни примери, директно ја нарушуваат довербата меѓу двете држави и отвораат сериозни прашања за доследноста во почитувањето на заедничките европски вредности.

По неколкуте телевизиски интервјуа, Михаилова е примена на лекување во болницата „Пирогов“, а како што рече, не знае колку време ќе остане во Бугарија. Засега, и не размислува да се врати во Македонија.

Бегството на Михаилова доаѓа по само неколку денови откако министрите за надворешни на двете државија договорија дека лекар од Бугарија може да дојде во земјава и да помогне во нејзиното лекување. Таа пак бараше да и биде дозволено лекувањето да го спроведува во бугарските здравствени установи.