Македонија
17. September 2020 - 10:43

Миле Јанакиески бара владиката Агатангел да сведочи за насилствата во општина Центар

Во дополнување на доказната постапка на судењето за насилствата во општина Центар, обвинетиот Миле Јанакиески понуди за случајот да сведочи владиката Агатангел кој јавно повикувал на протести за изградбата на црквата.

Дополнително, Јанакиески бара судот да ги повика да сведочат уште Ивица Коневски, Кирил Божиновски и Мартин Протуѓер.

Адвокатите бараат за сведок да се повика и актуелниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ кој во 2015 година ги презентирал прислушуваните разговори за насилствата кои се случуваа во 2013 година.

Одбраната бара како доказ да се изведе и прислушуваниот разговор за случајот кој подоцна бил објавен а не е дел од доказната постапка, бидејќи како што сметаат адвокатите, тој разговор фрлал друго светло врз судскиот процес.

За насилството во општина Центар, се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, екс министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова и неколкумина други учесници на протестите во 2013 година.

Зоран Јаневски