Свет
27. February 2016 - 12:27

Милион и пол припадници на племето Рохинга чекаат Аунг Сан Су Ќи да им ги врати основните човекови права

Над 1,5 милион припадници на племето Рохингја кои живеат во Мјанмар очекуваат новата демократска власт, под раководството на нобеловката за мир Аунг Сан Су Ќи, да им ги врати основните човекови права. Со декрет на воените власти во државата позната и како Бурма, на Рохингја народот му е одземено правото на државјанство, а тортурата одела дотаму што не им било дозволено да стапуваат во брак со лица од друга националност и вера.

Во доминантно будистичкиот Мјанмар, со 20 милиони жители, властите тврдат дека муслиманското племе Рохингја, со потекло од Бангладеш, диво населило дел од државата. Поради тортурата, минатата година во мај, над 100.000 припадници на ова племе се обидуваа да пребегаат во Тајланд, Малезија и Индонезија. Во патешествијата кои траеле со недели, многумина бегалци од ова племе умреле од болести и глад што беше причина нивната судбина да биде прогласена за најголема хумана катастрофа во Азија по виетнамската војна.

Аунг Сан Су Ќи, чија Национална Лига за Демократија во ноември лани освои апсолутна победа на парламентарните и регионалните избори, за сега внимателно ги дозира изјавите за тоа како планира да го реши проблемот. Таа се согласува дека провинцијата Ракајан, во која живеат луѓето од племето Рохингја, со право се нарекува „Палестина во југоисточна Азија“, но поради се уште влијателниот конзервативен армиски врв, барем додека и формално не ја преземе целосната контрола на власта, моментално најпопуларната политичарка од Азија не изнесува конкретен план за решението.

Комплетната транзиција на власта во Мјанмар ќе заврши до 10 март, кога треба да биде именувана новата влада и избран претседател на Мјанмар. Има најави дека до тогаш ќе биде изменет и дел од Уставот на Мјанмар со кој на лица кои биле во брак со странци не им е дозволено да се кандидираат за претседател на државата. Аунг Сан Су Ќи беше во брак со Англичанец, а нејзините деца имаат и британски пасоши.