Македонија
4. September 2017 - 9:22

Министерката Шекеринска во посета на Словенија

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, заедно со делегација од Министерството,  денеска и утре ќе престојува во Република Словенија, на покана на нејзината словенечка колешка Андреја Катич.

Во рамки на посетата, Шекеринска ќе има средби и со претседателот на Словенија, Борут Пахор и потпретседателот на словенечката Влада, Дејан Жидан, соопштуваат од Министерството за одбрана.

Утре министерката Шекеринска ќе учествува и на Бледскиот стратегиски форум, водечка конференција во Централна и Југоисточна Европа која привлекува голем број шефови на држави и влади, министри, дипломати. На Бледскиот форум, најавува МО, ќе учествуваат и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, како и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

На првиот ден од посетата на Словенија, министерката Катич организира и работна вечера во чест на министерката Шекеринска и потпретседателката на Европската Комисија, Федерика Могерини.

Утре министерката ќе се сретне со претседателот и членовите на Одборот за одбрана во словенечкиот Државен збор, а ќе ја посети и касарната Церкље, каде припадници на Армијата на Република Македонија во моментов посетуваат теоретска и практична обука за противвоздушна одбрана со лесниот преносен ракетен систем, наведуваат од Министерството за одбрана.