Македонија
1. February 2024 - 11:01

Министерот за финансии Бесими - единствениот политичар во Топ 50 највлијателни луѓе во регионот

Министерот за финансии Фатмир Бесими е единствениот политичар од државата кој се најде на листата Топ 50 највлијателни луѓе во регионот, според рангирањето на Блумберг Адриа. Издавањето граѓански обврзници му ја донесе номинацијата да се најде на оваа листа. Во неговиот мандат, во два наврати министерството за финансии организираше аукции на двегодишни граѓански обврзници, на кои беа запишани над 40 милиони евра. Во неговиот мандат беа издадени и зелени обврзници, но и структурни обврзници со кои неколку општини ги намируваат достасаните обврски. 

 „Сите овие инструменти се вистинско освежување на македонскиот пазар на хартии од вредност, кој досега беше доста монотон. Со издавањето на граѓанските обврзници, македонското Министерство за финансии беше пример и за некои поразвиени пазари на капитал од регионот што не се вклучија во проширување на понудата за граѓаните. Фатмир Бесими затоа ја прими Годишната награда за придонес во областа на едукацијата и развојот на пазарот на хартии од вредност, која на Министерството за финансии му ја додели Македонската берза, стои во образложението на „Блумберг Адрија“ .

„Ние во Блумберг Адрија на развојот на финансиските пазари во регионот гледаме со посебно внимание, тоа е исклучително важно прашање, кое е дел од севкупниот развој на земјите. Затоа секоја новина е за поздравување и во иднина очекуваме нов квалитет во секоја економска област во земјава. Ние сме овде да работиме економијата и финансиите да бидат клучна тема за дебата, изјави Александра Томиќ, главна уредничка на „Блумберг Адрија“ дигитал. 

Секоја регионална редакција - српската, хрватската, словенечката, босанската и македонската - номинираше свои кандидати во пет категории: бизнис, финансии, технологија и наука, спорт, забава и вкупно беа номинирани повеќе од 140 кандидати. Потоа се гласаше, и на листата Топ 50 се најдоа номинираните со најмногу гласови меѓу сите редакции. Изборот не беше  лесен, затоа што има и други лица кои се успешни во областа во која работат, велат од Блумерг. На листата, покрај министерот Бесими се најдоа уште 9 успешни македонци, со посебни достигнувања во својата област. 

Наташа Мерсовска