Македонија
1. јуни 2023 - 21:25

Министерот за здравство бара хирурзите „доброволно“ да оперираат во викенди по примерот од Ниш

Министерот за здравство ги повика хирурзите од сите специјалности доброволно да оперираат за викендите за да ги намалат листите на чекање. По примерот на кардиохирурзите од Ниш кои од почетокот на годината неколку саботи и недели по ред правеа интервенции и Фатмир Меџити ги повика неговите колеги на ваков начин без надомест да покажат хуманост за пациентите да не чекаат со месеци.

- Дајте тоа што беше позитивна приказна во Ниш да ја повториме тука. Да ја ревидираме таа листа на чекање, на операции. Да направиме и ние такво хумано дело со цел да не чекаат толку долго пациентите. Да покажеме дека еве, сакаме да направиме нешто повеќе за општеството, како општествена одговорност. Пред сѐ, ние сме хумани лица, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.

Дека листата за операции е голема потврдуваат и од клиниката за ортопедија иако лани направиле рекордни 600 имплантирани протези.

- Реално, имаме три операциони сали, прва и втора смена, со цел да се намали таа листа на чекање. Листата е голема. Факт е тоа, но сепак, еве во консултација и договор со Министерството за здравство ќе најдеме решение за таа листа побрзо да се намалува, изјави д-р Александар Трајановски, директор на ТОАРИЛУЦ.

Токму на ортопедија која е во состав на ТОАРИЛУЦ денеска за прв пат во јавното здравство во Македонија беше изведена операција на колено со асистенција на робот. Интервенцијата ја изведоа македонски хирурзи со помош на колеги од Лариса, Грција, кои ја донесоа и опремата. Зафатот траел околу 1 час, а 70 годишната пациентка после операцијата се чувствувала добро.