Македонија
12. October 2015 - 8:38

Мисајловски: Ситуацијата со врнежите не е критична, мора будно да се следи

Ситуацијата не е критична, но мора будно да ги следиме сите случувања, бидејќи се работи за временска непогода што се уште трае. Не можеме да знаеме дали ќе има дополнителни врнежи, но ќе бидеме подготвени за да реагираме на потребите на општините, изјави вечерва во Охрид министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Министерот Мисајловски присуствуваше на вонредната седница на Кризниот штаб за заштита и спасување на Општина Охрид во проширен состав, на која се разгледуваа активностите спроведени на терен изминатите два дена, се посочија критичните точки и се утврдија мерките што ќе бидат спроведени во врска со настанатите поплави предизвикани од поројните дождови што го зафатија регионот.

Мисајловски појасни дека поради поројните дождови има проблеми низ повеќе градови низ земјата, но потсети на одржаниот состанок во петокот на координативно тело со сите институции, како и пораките што произлегоа од него до сите општини да знаат што ги очекува во наредниот период. Поради тоа, истакна тој, голем дел од општините благовремено реагираа, а неговата посета на Охрид е за да утврди што Владата може да и помогнеме на локалната самоуправа тука. На состанокот во Охрид, додаде, се утврдени сите критични точки во градот и околината.

- Појавени се три свлечишта на патот Охрид - Свети Наум и тоа кај автокампот „Елешец“, на влезот во Пештани и во центарот на селото, сите се санирани. Санирани се и свлечиштата кај Велгошти и Долно Лакочереј, а на дел од одводните канали веднаш е интервенирано, со нивно поширување и отворање дополнителни пропусти. Договараме и обезбедување дополнителна механизација од Град Скопје и пумпи за вода, како и кипери што ќе бидат вклучени во справувањето со невремето, истакна Мисајловски.

Тој потсети дека Владата има обезбедено 700 литри нафта за потребите на сите општини за чистење на каналите за одвод на вода и ги повика сите локални самоуправи да спроведат јавна набавка за ангажирање механизација, додека оние што имаат јавни претпријатија веднаш да отпочнат со чистење на речните корита и одводните канали.

Градоначалникот Никола Бакрачески изрази задоволство од начинот на кој реагираше  општинското Координативно тело за справување со кризи во текот на овие два дена.

- Телото веднаш заседаваше и ги дефинираше сите задачи и активности на секоја од инволвираните институции. Во текот на вчерашниот ден екипи на јавните претпријатија заедно со „Македонија пат“ и две локални приватни компании успеаја да ги санираат свлечиштата, а отстранети се сите препреки на одводните канали, посебно во северниот дел на градот и во централното градско подрачје, каде имаше поптавени домаќинства, рече Бакрачески.

Тој истакна дека и натаму ќе се координираат активностите како на локално, така и на национално ниво со надлежните институции и министерства за благовремено да се реагира на сите евентуални временски неприлики и во иднина.

Невремето проследено со интензивни врнежи од дожд што од вчера попладнето и целата ноќ го зафатија Охрид предизвикаа поплавувања во пониските делови на градот и на оние места што се сметаат критични при вакви услови. Според податоците од Регионалниот центар за управување со кризи, во текот на изминатата ноќ биле пријавени повеќе од 50 случаи на поплавувања на дворови и приземни катови од објекти во градот, а пријави имало и од Пештани каде ситуацијата е сложена при секои пообилни врнежи од дожд.

Најмногу јавувања од граѓани имало од населбите Далјан, Воска, Лескајца, и околните места како Велгошти, при што е интервенирано од екипи на ЈП „Нискоградба“ и „Проаква“ за отстранување на надојдената вода. Претставници на надлежните од Општина Охрид и на Центарот за управување со кризи попладнето ги посетија најзагрозените делови на градот, за да ја увидат состојбата на терен и да се утврдат приоритети во натамошното дејствување за надминување на последиците.

Охрид е меѓу градовите каде овие два дена се регистрирани најобилни врнежи, со наврнати околу 120 литри на метар квадратен.