Македонија
11. November 2021 - 18:21

Митрески: Притисок врз Реџепи вршела опозицијата

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески попладнево изјави дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека ќе расте. За пратеникот Кастриот Реџепи рече дека според информациите со кои располага, притисок врз него вршела опозицијата, а не власта.

– Имам обратни информации од она што го споделува опозицијата, а тоа значи дека притисоците кон него, се токму од нив. Очекувам Кастриот Реџепи во следниот период да излезе и токму да каже што е она што му се случувало. Знам дека тој е пратеник кој е за европскиот пат и за европската иднина на државата, рече Митрески.

За случувањата во Собранието, како што рече Митрески, виновен е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој ја излажал јавноста дека има 61 пратеник.

– Сето ова што се случува во Собранието е резултат на докажаниот губитник Христијан Мицкоски. Тој ја излажа јавноста дека има 61 глас за ново мнозинство во Собранието и за гласање недоверба на Владата. Токму за ова Мицкоски да не бара алиби и да не ја префрла одговорноста на друг, истакна Митрески.

За собраниската седница и што ќе се случува вечерва, Митрески рече дека се во постојана координација и дека според Деловникот за работа на Собранието, седницата може да трае до полноќ.