Млади од Тетово бараат правда за несреќата во Кочани, но и за Ласкарци и модуларната болница
Група млади од Тетово бараат правда за несреќата во Кочани, но и сите претходни. Со оставање противпожарен апарат пред влезот на зградата на Судот и Обвинителството во градот симболично испратија порака колку е важна правдата за сите досегашни трагедии во кои загаснаа многу човечки животи.
Да ги изведат пред правдата и да ги стават зад решетки, вистинските виновници и тие што се одговорни за трагедијата во Кочани, каде што загинаа 59 млади. За пожарот во модуларната болница во Тетово каде што загинаа 14 наши граѓани. За несреќата со Беса Транс во Бугарија каде загинаа 45 граѓани, за несреќата со Дурмо Турс во Ласкарци, каде што загинаа 16 граѓани и за многу други трагедии што за жал немаше никаква казна до ден денес. Исто така, ваша должност е да ги изведете пред одговорност и судиите и обвинителите кои ја кочеле правдата во овие и во многу други случаи. Граѓаните во оваа држава сакаат да имаат вистинска правда и сакаат да гледаат правда што вистински функционира, изјави Бленди Ходаи од иницијатива „Нула“.
Претходно и премиерот Мицкоски најави можност за реотворање на судските процеси за Ласкарци и модуларната во Тетово. Револтот е голем што и 6 години подоцна, семејствата се уште чекаат правда.
Судскиот процес за модуларната пред три дена стартуваше од почеток, откако првиот процес заврши само со условни казни за двајцата поранешни директори обвинети за тешки дела против општата сигурност. Освен вештачењата дека пожарот го предизвикал електричен спој, судењето воопшто не го отвори прашањето за пропустите во изградбата на монтажниот објект, во кои немало ниту противпожарен апарат.
Правосилна пресуда нема ниту за Ласкарци, 6 години по несреќата и по повеќе од 100 одржани рочишта. Највисока казна од 14 години доби возачот на автобусот, додека обвинителството ја обжали пресудата за сопственикот на Дурмо
Турс кој беше првообвинет за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и доби казна од 4 години. 8 месеци подоцна Апелација се уште нема одлука.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар