Фудбал
26. September 2016 - 13:51

Младинците на Вардар утре во Салцбург играат меч од ЛШ

Младинскиот тим на Вардар после одработената подготовка на тренинг кампот на „црвено-црните“ во Хиподром и заедничкиот доручек, се упатија кон аеродромот „Александар Велики“ каде што попладнево заминуваат во Австрија. Утре нашите младинци го играат првиот дуел од Лигата на шампионите против Салцбург кој се игра во Гродиг со почеток во 18 часот. 
 
Со доза на отпимизам и со желба за добра игра и добар резултат од дуелот со австрискиот првак, Вардарци отидоа во Австрија. Се посакува резултат кој што на реваншот ќе може да гарантира поминување понатаму со силниот противник. 
 
„Се приклучив на младинците за да им помогнам во дуелите од Лигата на шампионите. Можеме да ветиме дека ќе дадеме се од себе за Вардар да извади добар резултат од првиот натпревар со Салцбург. Подготвени сме максимално за овој предизвик. Вардар е првиот клуб од Македонија кој што ќе настапува во младинската Лига на шампиони и како младински тим немаме искуство во вакви натпревари. Меѓутоа во нашиот тим има играчи кои што тренираат и играат натпревари во првиот тим меѓу кои сум и јас. Имав можност да играм во сениорската Лига на шампиони против Динамо и лани против АПОЕЛ, и тоа искуство е навистина драгоцено и ќе дадам се од себе да го пренесам и на теренот на утрешниот натпревар. Сите сме оптимисти, се надеваме дека ќе извадиме добар резултат. Нашиот противник игра типичиен австриски фудбал со многу офанзива и со агресивност. Но, имаат и слаби страни кои ќе се обидеме да ги искористиме“, изјави Петар Петковски кој што вчера имаше настап во прволигашката конкуренција за сениорскиот тим против Ренова, и веќе од утринава се приклучи на младинскиот тим. 
 
 
 
Напаѓачот на екипата на Вардар Јасир Беќири вети дека тој и соиграчите ќе се обидат на дебито во Лигата на шампионите да пружат игра која што ќе донесе успех на овој и на реваншот со Салцбург. 
 
„Наше е да дадеме максимум на овој како и на вториот натпревар со Салцбург. Сега мислиме само кон утрешниот меч и како да се претставиме во добро издание. Зошто да не ако ни се пружи шанса и да дојдеме до победата. Свесни сме дека не очекува еден тежок натпревар со квалитетен противник против кој треба да докажеме дека и ние имаме квалитет и дека Салцбург е фаворит само на хартија. Имаме и ние свои адути за добар резултат кои што ќе треба да ги искористиме“, рече Беќири пред заминувањето во Австрија. 

Ново на Сител