Македонија
27. September 2018 - 17:02

Младите европски федералисти со поддршка на Преспанскиот договор и референдумот

Младите европски федералисти од Европа, Македонија и Грција (ЏЕФ Европа, ЏЕФ Македонија и ЏЕФ Грција) го поздравуваат Преспанскиот договор и апелираат владите од двете земји соодветно да го спроведат. Воедно ги повикуваат македонските граѓани на 30 септември да го остварат своето избирачко право и да излезат на референдумот. 

Договорот со Грција, според Младите федералисти, го отвора патот за успешна интеграција на Македонија во ЕУ што е еден од клучните стратегиски приоритети, поддржан од страна на мнозинството на граѓаните во двете земји.

- Ова историско мировно достигнување ќе послужи како модел за разрешување спорови и одржлива соработка во 21. век и ќе ја покаже подготвеноста на Атина и Скопје како пионери на стабилноста, мирот и помирувањето на Балканот и во Југоисточна Европа, наведуваат Младите федералисти во соопштение до медиумите.

За нив претстојниот референдум е историска и вистинска шанса да се обезбеди финансиски раст на регионот, идно членство во европското семејство и целосна интеграција во интернационалната заедница.

- Овој историски момент бара од сите инволвирани страни да бидат одговорни и разумни и да се придржуваат до принципите предвидени во уставите на државите и сите принципи на меѓународното право. Социјалните и политичките сили на двете земји треба да се стават крај на бесмислените поделби, културата на недоверба, националистичката и иредентистичка реторика и јазикот на омраза, во линија со зголемената солидарност во Европа, сметаат федералистите.

Нагласуваат и дека се силно против активностите и, како што велат, нелегитимните интервенции на сите сили во двете земји и пошироко кои имаат за цел поткопување на можноста да се спроведе Договорот со наведување на населението околу неговата содржина и влијание, а со тоа и поттикнување на продолжување на меѓусебните спорови.

- Историјата не може да биде променета или избришана, но заедничка и подобра иднина е можна и може да биде изградена со заеднички сили. Граѓаните во двете земји, сегашните и идните европски граѓани, заслужуваат подобра и заедничка иднина заснована на мир, соработка, солидарност и заемно почитување, стои во соопштението од ЏЕФ Европа, ЏЕФ Македонија и ЏЕФ Грција.