ММФ: Раст од 4,2 и инфлација од 3,9 проценти во 2022, пандемијата и понатаму предизвикува неизвесност
Тимот на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предвидува еконмскиот раст во државава да се зголеми од 4 проценти годинава на 4,2 проценти во догодина, главно поттикнат од големата домашна побарувачка. Очекува инфлацијата во 2022 година да биде 3,9 проценти во просек и да се стабилизира на околу 2 проценти во 2023 година и во периодот потоа, а фискалниот дефицит да се намали на 4,3 проценти од БДП во 2022 година, од 5,9 проценти во 2021 година.
Во завршната изјава по виртуелно одржана мисија за земјава тимот на ММФ истакнува дека економското закрепнување се очекува да продолжи во 2022 година и предупредува дека пандемијата и понатаму предизвикува неизвесност.
-Силната поддршка преку политиките го ублажи влијанието од пандемијата врз економијата. Фискалните мерки за поддршка помогнаа да се спречат големи отпуштања од работните места и да се заштитат оние кои се најранливи, додека монетарните и финансиските мерки ја одржаа кредитната поддршка за
економијата. Бидејќи неизвесноста сè уште е голема, неопходно е политиките и понатаму да бидат флексибилни. Акцентот треба да биде ставен на ограничување на последиците врз економијата предизвикани од пандемијата, истовремено остварувајќи напредок во однос на долгорочните реформски
приоритети, како што се понатамошното зајакнување на управувањето со јавните финансии и управувањето со приходите, како и зајакнување на финансиската заштитна мрежа, стои во изјавата.
Вработеноста, оценуваат од ММФ, најверојатно постепено ќе закрепнува, но високиот раст на платите, растечките дознаки и користењето на дел од кумулираните заштеди би влијаеле на зголемување на расположливиот приход. Се очекува солиден раст на извозот, иако како што објаснуваат на него неповолно ќе влијаат нарушувањата во синџирот на снабдување, особено во автомобилскиот сектор, а големата домашна побарувачка подразбира висок раст на увозот.
Дополнително, како што посочуваат од ММФ, покриеноста со вакцини е сè уште на ниско ниво, а глобалното реактивирање на пандемијата и новите варијанти на вирусот се фактори кои значат негативен ризик за растот. Исто така, политичката нестабилност би можела да ја намали довербата и да го успори спроведувањето на политиките. Од друга страна, почеток на преговорите за пристапување во ЕУ би можело да даде поттик за спроведување на реформи, со што ќе се зголеми растот.
Од Мисијата на ММФ наведуваат дека како и во другите земји, веројатно е дека инфлацијата ќе биде повисока подолго од првично очекуваното, но во втората половина од 2022 година ќе почне да се намалува. Зголемувањето на цените на енергијата и храната во глобални рамки, поттикна поголема инфлација во 2021 година, и можно е тие да придонесуваат кон инфлациските движења и на почетокот од 2022 година. Имајќи предвид дека повеќе од половина од потрошувачката се должи на храната и енергијата, ова е важно за повеќето домаќинства.
-Показателите за инфлацијата, којишто ги исклучуваат променливите цени, вклучувајќи ги цените на храна и енергија, исто така се повисоки , што укажува на тоа дека растот на инфлацијата е на поширока основа. Севкупно земено, тимот на ММФ очекува инфлацијата во 2022 година да биде 3,9 проценти во
просек и да се стабилизира на околу 2 проценти во 2023 година и во периодот потоа. Иако постои значителна неизвесност во однос на натамошната патека на инфлацијата, поголемиот раст на платите носи нагорни ризици, се наведува во изјавата.
Според тимот на ММФ, Буџетот за 2022 година соодветно ги намалува трошењата поврзани со
пандемијата и истовремено продолжува да ја поддржува економската активност.
-На прелиминарна основа, тимот на ММФ очекува фискалниот дефицит да се намали на
4,3 проценти од БДП во 2022 година, од 5,9 проценти во 2021 година. Буџетот предвидува поголеми трошоци во здравствениот сектор, вклучително и за вакцини. Исто така содржи и простор кој овозможува флексибилно да се реагира на потребите од трошења поврзани со пандемијата. Ако потребата за итни мерки продолжи да се намалува, како и што се очекува во појдовната основа, финансирањето би можело да се искористи за поддршка на прераспределба на ресурси помеѓу секторите, вклучително и
преку обука и преквалификација на работниците, поттикнување на вработувањето и инвестициите и зајакнување на мрежата за социјална заштита, наведуваат од ММФ.
Во Буџетот има распределба која е предвидена да биде наменета за таргетирана помош, но, како што велат, можеби ќе бидат потребни дополнителни средства за да се ублажи влијанието на повисоките цени
на енергенсите врз ранливите групи, особено кога намалената стапка на ДДВ за електрична енергија ќе биде нормализирана, почнувајќи од јули.
– Натамошното давање субвенции на енергетските компании или одржувањето на намалената стапка на ДДВ, што ги засега сите домаќинства без разлика на нивното ниво на приходи, би имало поголемо влијание за даночните обврзници, отколку таргетираната помош наменета за домаќинства со пониски приходи, псоочува ММФ.
Оттаму укажуваат дека кредибилна среднорочна фискална стратегија е клучна за обнова на фискалниот
простор, истовремено создавајќи простор за повеќе инвестиции. Тимот на ММФ препорачува фискалниот дефицит да се доведе близу до 1 процент од БДП во наредните пет години, со што ќе се обезбеди Владата да може да има адекватен фискален простор за да одговори на евентуални идни шокови.
Ова, појаснуваат, може да се постигне главно преку реформа на даночната политика – вклучително и рационализирање на преференцијалните третмани, укинување на даночните намалувања кои беа донесени за време на пандемијата и воведување на попрогресивен систем – сето ова во
комбинација со многу потребните напори за зајакнување на капацитетот за наплата и
борба против даночното затајување.
-Понатамошните подобрувања во делот на управување со јавните финансии ќе значат поддршка на планот на Владата за зголемување на инвестициите и, погенерално, ограничување на фискалните ризици. Поконкретно, во насока на подобрување на управувањето со јавните инвестиции, плановите за формирање на посебна единица во Министерството за финансии треба наскоро да бидат заокружени и
јавно-приватното партнерство треба целосно да се интегрира во рамката за јавни инвестиции. Без да го исклучиме досегашниот напредок, важно е да се продолжи со активностите за обезбедување транспарентност и отчетност во користењето на јавните пари, вклучително и преку понатамошно подобрување на праксите за јавни набавки, нагласуваат од ММФ.
Препораќуваат и дека се потребни заштитни мерки за управување со фискалните ризици а поврзано со
државните претпријатија и со финансиите на локалните самоуправи.
Во однос на одржувањето на монетарната и финансиска стабилност, посочуваат дека дe facto фиксниот курс на денарот во изминативе децении се потврди дека е сидро на стабилноста и нивото на девизните резерви е соодветно за да го поддржи таквиот курс. Промени во домашната монетарна политика не би имале влијание врз ефектите од ниту еден од глобалните фактори кои влијаат на инфлациските движења. Сепак, Народната банка на Република Македонија (НБРМ) треба да продолжи внимателно да ја комуницира својата проценка за тенденциите на инфлацијата, и истовремено да биде подготвена да ги заостри политиките ако инфлацијата во Македонија се случи да биде постојано повисока отколку инфлацијата во еврозоната, што во моментов не е случај, или ако се остварат значителни и постојани притисоци врз девизните резерви, велат од ММФ.
Банкарскиот систем, потенцираат, се покажа дека е силен и стабилен за време на пандемијата, но потребно е да се продолжи со постојаната будност. Банкарскиот систем во целина и понатаму е добро капитализиран и профитабилен. Добредојдени се иницијативите за подобрување на рамката за стрес-тестови на банките, заедно со засилените супервизорски напори со цел да се обезбеди дека банките ги препознаваат евентуалните проблематични пласмани и соодветно издвојуваат резервации за
потенцијални идни загуби.
-Со оглед на сè уште големото учество на девизните кредити или на кредитите со девизна клаузула на домаќинствата, коишто пак имаат ограничени девизни средства како заштитен механизам, НБРМ треба да ги одржува своите внимателно поставени мерки за да го ограничи девизното кредитирање. Уште повеќе, растечкиот долг во приватниот сектор, иако од ниско ниво, и високиот раст на хипотекарни кредити, во комбинација со зголемувањето на цените на недвижностите се фактори кои бараат понатамошна внимателност, предупредува ММФ.
Воедно препорачува да се зајакнат рамката за макропрудентна политика и на финансиската безбедносна мрежа. Подготовките се во тек уште од Програмата на ММФ за проценка на финансискиот сектор (FSAP) од 2018 година, а законодавниот процес треба да се заврши без понатамошно одложување. Приоритети би биле подобрувањето на макропрудентниот надзор и координација помеѓу институциите, со истовремено обезбедување располагање со макропрудентни инструменти. Од суштинско значење се
постоењето современи рамки за решавање на банките и осигурување на депозитите, со кои ќе се зајакне финансиската безбедносна мрежа. Неопходно е, посочуваат од ММФ, да се зачува независноста во работењето на НБРМ.
Според тимот на ММФ, напорите за поддршка на реалокација се важни за ограничување на економските
последици предизвикани од пандемиската криза. Намалувањето на учеството на работната сила засили за време на кризата и како што велат, потребно е соодветно делување, со цел спречување на таквата тенденција, вклучително и со политики кои ќе го поддржат преминот од едно на друго работно место, преку обуки и преквалификација, и зајакнување на образовните резултати со цел намалување на недостатокот од вештини.
-За да се зачуваат работните места и конкурентноста, мисијата препорачува придржување до механизмот за минимална плата, но преку негово поблиско усогласувањето со тенденциите кај продуктивноста. Секое ад хок зголемување на минималната плата треба да биде придружено со дополнителни мерки за доследно спроведување на минималната плата за превенирање на премин на работните места во неформалниот сектор. Понатамошното зајакнување на рамката која ги регулира стечајот и несолвентноста, вклучително и спроведувањето на новиот Закон за стечај, во перспектива исто така може да помогне во прераспределбата на ресурсите, наведува ММФ во завршната изјава.
Завршната изјава ги содржи првичните согледувања на мисијата на ММФ на крајот од нејзината мисија, која се организира во рамките на редовните консултации (најчесто еднаш годишно) согласно членот 4 од Договорот на ММФ, во контекст на барање за користење ресурси од ММФ (позајмување од ММФ), како дел од разговорите за програми кои се следат од тимот на ММФ, или како дел од друг мониторинг на економските движења од страна на тимот.
Ново на Сител
-
Директорот на Детска не го добил извештајот од ДСЗИ – тврди дека починатото бебе било прегледано и од специјалист
-
Повлечен законот за средно
-
Посета на претседателот на националното Собрание на Турција, Нуман Куртулмуш во земјава
-
Богата програма за Нова Година во Охрид
-
Повратници од Западна Европа
-
Црвен крст на Град Скопје со хуманитарни настани на Детската клиника
-
Преглед на вестите од светот
-
Просечната плата за една година зголемена за 2.300 денари, трошоците за живот за 15.000 денари