Македонија
13. March 2020 - 21:01

МОН со предлог за едукативни емисии на телевизија додека децата не одат на училиште

Преку ТВ УЧИЛНИЦА ќе се надоместува дел од загубеното време во образовниот процес. Проектот е интервентна мерка на Минстерството за образование, во координација со сите надлежни институции, за периодот додека се затворени училиштата и градинките. Програмата ќе биде воспитна, образовна, но и забавна, а ќе се емитува секојдневно на јавниот сервис, почнувајќи од понеделник.

“Благовремено ќе ја известиме јавноста за распоредот на емитување и емитувањето, или да кажеме овие предавања, ќе бидат организирани на сите јазици, на кои се организира и наставата, на сите три канали на Македонската радио-телевизија”, вели Арбер Адеми, министер за образование и наука.

Министерот Адеми очекува наставниот кадар активно да се вклучи во процесот.

“Мислам дека треба да си помагаме едни на други во овој период, во овие околности, во оваа состојба со која се соочуваме, така што апелирам до сите наставници доброволно да се пријават. За обработка на овие воспитно-образовни програми треба да се ангажираат професионалци, треба да се ангажираат наставници и ние планираме преку наставниците, но и преку емитување од страна на Македонската радио-телевизија, да допреме до секое наше дете, до секој наш ученик”, вели Арбер Адеми, министер за образование и наука.

Сличен пример има и во Хрватска, каде националниот сервис ќе емитува ТВ настава за учениците до четврто одделение во периодот додека се затворени училиштата.