Ракомет
14. October 2021 - 10:02

Монпеље му го нанесе првиот пораз на Вардар во ЛШ

 

Македонскиот ракометен првак Вардар 1961 го претрпе првиот пораз во групната фаза од Лигата на шампиони (ЛШ), откако вчера пред своите гледачи во Скопје загуби од француската екипа Монпеље со 31:25.

Вардар од самиот почеток постојано беше во резултатска негатива, која во првиот дел достигна највисоки минус четири голови во корист на Монпеље на полувремето (15:11).

Двократниот европски првак и во продолжението немаше решенија во нападот за цврстата одбрана на Монпеље и расположениот голман Кевин Бонфоа (12 одбрани), што резултираше со недостижни плус осум голови разлика за францускиот тим во завршните десет минути од натпреварот во салата „Јане Сандански“.

Најефикасен во редовите на Вардар 1961 беше Тимур Дибиров со седум голови.

По воведните четири кола во групата А, Вардар е петтопласиран на табелата со ефект од две победи, едно реми и еден пораз.

По трите натпревари во серија на домашен терен, македонскиот ракометен првак во 5. коло го очекува гостување кај европскиот вицешампион Алборг, идната среда.