Свет
5. January 2018 - 16:11

Москва и Пекинг ја поздравија подготвеноста за дијалог меѓу Северна и Јужна Кореја

Русија ја поздрави подготвеноста на Северна и Јужна Кореја за обновување на дијалогот, јавија руските медиуми, повикувајќи се на извор од руското Министерство за надворешни работи.

Москва се надева дека позитивната тенденција ќе биде проследена со конкретни договори за решавање на ситуацијата на Корејскиот Полуостров, изјавил изворот.

Истовремено, кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека поздравува и поддржува конкретни напори за подобрување на односите на Корејскиот Полуостров, откако Пјонгјанг и Сеул се согласија да започнат официјални преговори следната недела - првпат по повеќе од две години.

Јапонската Влада оцени денеска дека одлуката на САД и Јужна Кореја да ги одложат воените вежби за време на Олимписките игри во Пјонгчанг не значи дека притисокот врз Северна Кореја слабее.

Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот јужнокорејски колега Мун Џе-ин се договорија да не организираат воени маневри за време на Олимпијадата од 9 до 25 февруари - вежби, кои секоја година придонесуваат за зајакнување на тензиите на полуостровот.

- Политиката на Северна Кореја не се смени, изјави денеска портпаролот на јапонската Влада, Јошихиде Суга. Тој рече дека трите сојузници - Јапонија, САД и Јужна Кореја, ја потврдиле својата заедничка стратегија.

- Одлуката за одложување на вежбите не ја доведува во прашање волјата за зајакнување на притисокот врз режимот на Ким Џонг-ун, увери портпаролот.