Балкан
13. February 2020 - 14:02

Муѕурис за МИА: Мориа е како вулкан пред ерупција

Бараме владата да ги гледа нашите острови со истата љубов како што ги гледа останатите делови на Грција, вели за МИА Костас Муѕурис префектот на периферијата што ги опфаќа островите од северниот дел од Егејското море (Лезбос, Самос и Хиос) , а во однос на кампот Мориа, коментира дека ситуацијата е како „вулкан пред ерупција”.

-Во Мориа ситуацијата е грозна, бидејќи е предградие со 1.500 жители, заедно со еден цел град од 22 000 жители, луѓе кои живеат во ужасни услови. Ситуација е подготвена да експлодира. Како вулкан подготвен за ерупција, вели Муѕурис.

Во разговор со дописничата на МИА од Атина, префектот објаснува дека тие бараат мигрантите и бегалците, да не бидат концентрирани само на островите, туку да има подеднакво распределување во сите делови на Грција.

-Од владата бараме островите од Егејското море, да ги гледа со истата љубов како што го гледа останатиот дел на Грција. Во овој момент, островите ги раздели од останатите делови на Грција и вели, вие ќе бидете подложени на целиот проблем. Не се согласуваме со тоа сите овие луѓе, сега 50 илјади, следната година може и повеќе, да останат на нашите острови. Ние сакаме, ако не можат да се вратат назад, во нивните татковини, во Турција или во Европа, подеднакво да се распределат во целата земја, вели префектот.

Во однос на прекинатите разговори со владата, Муѕурис објаснува дека со едностраната одлука за изградбата на затворените центри, сфатиле дека владата не посакува дијалог.
Муѕурис заедно со градоначалниците на островите и членови на атинските здруженија на граѓани со потекло од островите и со поддршка од пратеник од опозициската СИРИЗА одржаа мирен и не толку масовен протест пред Министерството за внатрешни работи на Грција, а потоа се упатија и до грчкиот Парламент, каде што ги прочитаа нивните барања.

Бурнус: ЕУ ги остави сами Грција и Италија

Ситуацијата е вон било каква контрола, само на Лезбос, од 5.678 луѓе во јули, денес имаме 22.000. Европската унија ги остави сами Грција и Италија, а со тоа и грчките острови што го имаат најголемиот дел од проблемот, вели во разговор со дописничката на МИА од Атина пратеникот на опозициската СИРИЗА, Јанис Бурнус, кој е од Лезбос, а присуствуваше на денешниот протест за да им изрази поддршка на жителите на островите.

Бурнус вели дека владината политика не носи решенија на проблемите, туку напротив ќе ја влоши ситуацијата, а проблемот ќе стане уште поголем.

-Протестираме со две барања, со кои мнозинството од граѓаните се согласува. Прво, итно растеретување на островите кон копнениот дел на Грција и второ да го изразиме нашето несогласување за изградбата на нови затворени центри – затвори на нашите острови. Ова нема да ги реши проблемите, напротив, ќе ја влоши ситуацијата и се плашам дека во следните месеци, доколку владата не ги растерети островите и како што изгледа ќе имаме уште многу пристигнувања, проблемот ќе стане огромен, вели за МИА пратеникот од СИРИЗА.

Граѓаните со потекло од островите велат дека проблемот се однесува на цела Грција и цела Европа

На протестот во центарот на Атина, иако се споменуваше, сепак не беа присутни постојаните жители на островите, туку само оние кои се прселиле во грчката престолнина, но, сепак, често пати ги посетуваат родните места.

Велат дека ситуацијата е многу полоша отколку за време на бегалската и мигрантската криза во 2015 и 2016 година и истакнуваат дека станува збор за проблем што не се однесува само на трите островите, туку е проблем за цела Грција и цела Европа.

-Страшна е ситуацијата на Лезбос. Веќе не говориме за бегалци и мигранти како во 2015-2016, тогаш ги примивме и ги поддржавме. Сега се нешто сосема поинакво. Лица со деликвентно однесување, да ти е страв да се движиш навечер, вели Пелагија Хаѕивајани, која е претседателка на здружението граѓани од Митилини, кои живеат во Атина.

-Покрај кампот Мориа не можеш да поминеш поради смредата што се шири, вели една од учесничките во протестот.

Поранешни пратеници од Златна зора избркани од протестот

Актуелниот европратеник избран од редовите на Златна зора, Јанис Лагос и поранешниот пратеник на партијата Илиас Касидиарис, се појавија на денешниот протест во Атина, меѓутоа, индиректно беа избркани од останатите демонстранти.

-Членовите на крминална организација Златна зора немаат никаква врска со борбата на граѓаните од островите, рече на мегафон еден од организаторите и истакна дека „фашистите треба да си заминат од собирот“.

Кусо подоцна, членовите на Златна зора си заминаа.