Балкан
31. January 2016 - 13:25

Музалас: Кој ја обвинува Грција, го обвинува Фронтекс

Грчкиот министер за миграции Јанис Музалас ги отфрли денеска критиките во врска со недоволното обезбедување на границите и нагласи дека секој кој ја обвинува Грција, го обвинува Фронтекс. 

Тој исткна дека т.н. „hot spots“ ќе почнат да работат од следниот месец.

- Кој ја обвинува Грција дека не може да ги штити своите граници, го обвинува Фронтекс. Фронтекс, потсетувам, на Грција и призна дека одлично ја извршува задачата и никој не може ништо друго да стори освен да ги спасува бегалците, рече тој.

Музалас во интервју за виенскиот весник „Стандар“ истакна дека не е фер да се каже дека Грција ништо не прави, додавајќи дека земјата, иако се наоѓа во тешка економска ситуација, сепак се соочила со криза. 

- Кој го тврди спротивното не е праведен. Ние заостануваме со воспоставените хот спотови. Регистрирањето на бегалците и земањето отисоци, како што е наведено во извештајот на ЕУ од ноември, било под потребното ниво, но ЕУ не го зема предвид фактот дека моравме да работиме со се на се 40 Еуродак машини (уреди за земање отисоци од прсти и за поврзување со базата на податоци на Унијата), нагласи тој.

Музалас додаде дека Грција побарала дополнително сто Еуродак уреди пред повеќе од шест месеци и оти неодама ги добила. 

Според него една таква машина може да зема околу сто отисоци од прсти, доколку работи 24 часа, што грчките власти го прават, додека Фронтекс работи само од осум до 20 часот. 

Сега кога пристигнале новите уреди, според него, ќе бидат регистрирани 98 отсто од бегалците, наместо сегашните 70.

Музалас нагласи дека Грција побарала од ЕУ 1.800 службеници на Фронтекс, а добила 800 и упати критика до Словенија, која, како што рече, наместо да ги испраќа припадниците на својата полиција во Грција, ги испраќа во Македонија.