Македонија
10. August 2015 - 17:18

Музичка вечер на „Охридско лето“ со Сихана Бадивуку-Хоџа и Маја Кастратовиќ

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концертот на македонските уметници Сихана Бадивуку-Хоџа на виолина и Маја Кастратовиќ на пијано.

Биографијата на Сихана Бадивуку-Хоџа вели дека студиите ги започнува на возраст од само 16 години на Државниот конзерваториум во Киев, а една година подоцна заминува на Државниот конзерваториум во Москва, каде што ги завршува своите додипломски и постдипломски студии по виолина. Веднаш потоа започнува да работи како професор по виолина на Факултетот за уметности во Приштина, а подоцна и како концерт-мајстор на Косовската филхармонија.

Во текот на својата кариера, Сихана Бадивуку-Хоџа настапувала низ голем број земји во светот. Соработувала со голем број значајни оркестри и уметници, а како камерен изведувач често настапува со камерни ансамбли во кои членуваат истакнати музичари. Добитник е на повеќе награди на неколку меѓународни натпревари. Моментално работи како професор на Државниот тетовски универзитет.

Маја Кастратовиќ дипломирала на престижниот Московски конзерваториум „Петар Илич Чајковски“, а постдипломските студии ги завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професорот Борис Романов. Кастратовиќ е постојано активна, остварувајќи многубројни солистички концерти низ светот, како и настапи со камерни ансамбли и оркестри. Чест гостин е на повеќе значајни музички фестивали во Шпанија, Италија, Белгија, во Албанија и во други европски земји. Од 2001 година, Кастратовиќ живее и работи како корепетитор и како професор по пијано во Словенија.

Сихана Бадивуку-Хоџа и Маја Кастратовиќ активно соработуваат повеќе од 20 години.

Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ со почеток од 21 часот. На програмата се дела на Дитрих, Шуман, Брамс, Де Фаља, Гранадос, Сарасете.