Македонија
10. December 2025 - 16:34

МВР со кривична за Оливер Спасовски

МВР бара Обвинителството кривично да го гони екс министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за злоупотреба на службената положба. Според кривичната пријава, Спасовски се товари дека го чувал во фиока решението за затворање на станица за технички преглед каде меѓу другите поминал и автобусот на Беса Транс во кој загинаа 45 лица во сообраќајката во Бугарија.

Во август 21та службите на МВР извршиле контрола во станицата за технички преглед „Виа комерц“ во скопски Сарај и препорачале нејзино затворање поради неправилности во работењето. Но Спасовски речи си 3 месеци ова решение не го потпишувал и го чувал во фиока. Својот потпис го ставил 3 дена по несреќата во Бугарија откако во меѓувреме, истата станица го прогласила за технички исправен автобусот кој изгоре на автопатот пред Софија.
За овој случај предистрага водеше и Обвинителството за организиран криминал но констатирале дека причина за несреќата на била неисправност на автобусот, па Спасовски бил ослободен од сомнеж. Но сега, полицијата бара тој да одговара за 90.000 евра пари кои станицата за технички преглед ги заработила додека тој им ја чувал пријавата во фиока.

Спасовски демантира. Во писмена изјава за Сител вели дека во целост ги отфрла наводите на полицијата.

„Не ме изненадуваат методите, ништо ново, мвро-вмро се враќа на сцена, секогаш кога треба да се дефокусира јавноста од реалните скандали на власта. ВМРО-ДПМНЕ бега и сака да го отргне вниманието од важните теми, трагедијата во Кочани, мигрантите, криминалите и лошата економска состојба. Така да се е јасно, ова е класичен обид за политички прогон, за дефокусирање на темата од мигрантите и скандалите на власта. Само имам лична дилема, дали  повеќе им сметаат моите резултати кога бев министер, или пак проблем е мојата посветеност во борбата за вистината како опозиционер.“ – вели Спасовски во својата реакција.