Македонија
15. May 2024 - 16:37

МЗ како портпарол на Токсикологија со обвинувања за Нико Беќаровски - професорот негира и најави тужба

Што се случува на Токсикологија?

Министерството за здравство како портпарол на Клиниката вчера изнесе обвинувања против професорот Нико Беќаровски. Тој негира и најави тужби. Во негова одбрана застанаа колегите доктори и речиси целиот персонал.

Со вчерашниот фејсбук статус на МЗ за наводни тврдења на поранешни договорци на Клиниката дека Нико Беќаровски им се заканувал и ги навредувал на етничка основа зошто се Албанци се отвори прашањето колку нивните потписи без имиња и презимиња се веродостојни и кој дозволил да се архивира изјава, од лица кои не се вработени на Клиниката, ниту во моментот имаат било какви решенија за да работат таму. Со ова треба да се позанимаваат и истражните органи.

Професорот Беќаровски веднаш ги демантираше како што напиша лагите и клеветите изнесени на статусот на министерството и најави кривична пријава против наводните потписници.

Тој се обрати и лично до министерот Демири и побара да се огради од објавата која како што напиша му нанела несогледлива штета на неговиот углед, во спротивно ќе следувала тужба за сите инволвирани.

- Инпутирање на било какви национални навреди е најблаго речено дегутантно. И јас, впрочем како и Вие, секогаш сум бил исклучиво поборник за максимален професионализам, базиран на квалитет и мерит систем, без никакви други предрасуди, напиша професорот.

Зад Нико Беќаровски застанаа речиси сите негови колеги токсиколози, но и останати вработени на Клиниката. Не само со потпис, туку со име и презиме и уредно архивиран демант. Појаснуваат дека од страна на професорот не се упатени никакви притисоци ниту навреди на Албанци кои претходно биле ангажирани со договор на дело.

- Доктор Нико Беќаровски е врвен професиналец, кој повеќе од 10 години работи ургентна медицина и спасува човечки животи, без разлика на етничката припадност или припадност на политичка партии, па поврзувањето на неговото име со вакви невистини за политички цели е скандалозно и некоректно и поттикнува нетрпение на национална основа“, се навдува во потпишаната изјава.

Вчера министерот го разреши само медицинскиот директор Данил Петровски, но ја остави организациската директорка Бесија Иљази која на единствената прес конференција не зборуваше македонски и понатаму да директорува, иако стручниот колегиум и најголем дел од вработените посочуваа дека таа со нејзиното однесување е виновна за хаосот на Клиниката. 

Од тука се поставува прашањето: Дали со оваа постапка се отвора можноста договорците кои организациската сака да ги вработи, а медицинскиот директор не потпишувал, деновиве да добијат решенија, иако се уште сме во изборен процес.