МЗ: Ситуацијата по пожарот во дворот на Психијатриската болница е целосно под контрола, нема повредени

Министерството за здравство соопшти дека по пожарот што синоќа зафати дел од тревна површина во дворот на ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“, ситуацијата е целосно ставена под контрола и нема причина за загриженост.
-Од безбедносни причини, во краток временски период беше спроведена превентивна евакуација на дел од пациентите и вработените. Навремената и координирана интервенција на надлежните служби спречи проширување на пожарот кон болничките објекти. Не е причинета никаква материјална штета врз објектите и не се регистрирани повредени меѓу пациентите и персоналот. Пожарот зафати само надворешен дел од дворот, обраснат со сува трева и истиот е успешно локализиран, наведуваат од Министерството за здравство.
Во објектите на болницата има присутен дежурен медицински и административен персонал и активно ќе ја следат состојбата, стои во соопштението овбјавено доцна синоќа.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) синоќа соопшти дека е под контрола пожарот во населбата Геге во општина Ѓорче Петров кој се проширил кон населбата Бардовци и зафатил дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
-Пожарот претставуваше опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Веднаш беше пристапено кон евакуација на пациентите и персоналот, кои беа безбедно изнесени надвор. Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран на пожарот кај Блаце, општина Чучер Сандево, наведуваат од ЦУК.
Бригадата за противпожарна заштита, интервенирала во гаснење на пожарот над патот кон ГП „Блаце“ со пет возила и 20 пожарникари, како и на два пожара во општина Ѓорче, кои се веќе локализирани, изјави вечерта за МИА командирот Ѕвонко Томевски.
Ново на Сител
-

Голем ризик за пожари на отворен простор и шумски пожари
-

Втор ден гори депонијата во Крива Паланка
-

Жештините ја зголемија потрошувачката на струја
-

Му го пресекол патот па избегал, ОЈО бара мерки на претпазливост за сообраќајката во Радишани
-

Зголемен број на повредени во сообраќајќи и скршеници поради колабирања бележат во Ургентен на Клинички
-

Подобрена е состојбата на повредениот пациент во Турција кој вчера беше транспортиран на Клинички
-

СДСМ бара одговорност за случајот во Ново Село, ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека „младите“ се насилници
-

„Силно светнал ден“ за 35 години независност
