Македонија
29. November 2020 - 16:13

МЗ: Во ниту една здравствена установа не постои наредба за забрана за снимање или фотографирање од медиумите

Од Министерството за здравство денеска соопштија дека во ниту една здравствена установа не постои наредба за забрана за видеоснимање и фотографирање од страна на медиумите. Во соопштението од Министерството се наведува и дека директорот на ГОБ „8-ми септември“ Христија Костов не издал наредба за забрана за снимање на болницата.

–  Тријажниот центар може да се снима и фотографира од одредена далечина бидејќи овде има пациенти кои чекаат да бидат хоспитализирани, а возила на Брза Помош носат болни во тешка состојба и од таа причина редот мора да се запази како не би се нарушила приватноста на пациентите, но и работата на здравствените работници од една страна и медиумските работници од друга страна. Доколку постои интерес од страна на медиум, за снимање на влезот, внатрешниот дел на ковид центар, тирјажен центар, хоспитализација на пациенти, или слично ве молиме да се обратите до здравствената институција или Министерството за здравство, како би се организирало снимање или фотографирање, со кое нема да се нарушат правата и приватноста на пациентите, ниту пак да се доведе во ризик здравјето на медиумските работници, истакнаа од МЗ.

Оттаму посочуваат дека медиумите може непречено да ги вршат работните задачи без притоа некој да им смета или да ги ограничува во професионалното работење.

– Согласно Законот за заштита на правата на пациентите, Законот за здравствена заштита и Законот за заштита на лични податоци, Министерството за здравство и здравствените установи се должни да го заштитат идентитетот на секој пациент, како и неговата приватност, од таа причина ве молиме при видео или фото известување задолжително да ги почитувате и заштитите идентитетот и приватноста на пациентите, посочија од МЗ.