На интернет измами најчесто наседнуваат луѓето со ниски примања, велат психолозите
Вријат социјалните мрежи откако запре исплатата на пари од „Конти“. Граѓаните споделуваат лични искуства, но известуваат и за нови слични апликации.
„Има најнова паралелна измама - иста како Конти, под име Етернал. Измамата е веќе активна. Во Скопје денес на бандери се залепени QR кодови за „заработка“. Моделот на нивоа е многу сличен на Конти, само уште повеќе пари бараат за секое ниво“, пишува во објавата.
Психолозите се јасни дека на интернет измами најчесто наседнуваат луѓето со ниски примања кои сакаат побрзо да дојдат до пари. Нискиот животен стандард е само една од причините зошто посегаат по ваков ризик. Писхологот Стојановска вели желбата за заработка не е лоша, но треба да се внимава при изборот на кој начин ќе се направи тоа.
„Ако имаме народ кој е задоволен од своите примања и живее во стандард кој ќе ги задоволува нивните животни потреби, ќе можат двапати годишно да одат на одмор, ќе можат да си купат што сакаат, да живеат безбеден живот, да не размислуваат како ќе дојдат до први или како ќе им купат нешто на децата или како нешто воопшто ќе купат за себе, ако се води таков живот, ќе бидат помалку изложени на чувството дека ќе мора нешто итно да направат во својот живот и да заработат“ – Мирјана Јовановска Стојановска, психолог и психотерапевт
Според неа, граѓаните целосно ја изгубиле довербата во институциите и повеќе им веруваат на соседите отколку на официјалните лица.
„Луѓето изгубија верба во многу работи кои порано им беа важни. Прво е вербата во институциите, вербата во државата, во напишаниот збор, вербата во законите, во правдата, правичноста. Затоа сме вака подложни на нешто што пишува на интернет или на тоа што ќе ни каже комшијата, затоа што обично тие пирамиди фунцкионираат на „јас ќе викнам уште 10 луѓе ќе донесам, за тоа ќе земам некој денар што сум ги вовлекол во таа работа, па тие ќе донесат уште по 10“. И ние сме склони повеќе на тоа да веруваме отколку на некои официјални изјави кои би требало да не заштитат. Само што ние веќе не доживуваме дека нашата држава не штити нас“ - Мирјана Јовановска Стојановска, психолог и психотерапевт
Во Министерството за внатрешни работи сè уште нема официјално поднесена кривична пријава за апликацијата.
Конти работи на пирамидална шема. Прво се купува пакет од 50 до 3 илјади долари, неколку пати во денот се кликаат лајкови на видеа кои се претвораат во кредити и во вид на криптовалути се добиваат на друга платформа. Оттаму преку менувачница се вадат како реални пари. На овој начин дел од граѓаните заработиле, но дел останале без пари.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар