Македонија
16. August 2016 - 8:21

На Охридско лето концерт на рускиот пијанист Лаул и проекција на „Исправи се Делфина“

Рускиот пијанист Петр Лаул вечер ќе одржи концерт во црквата Света Софија во рамки на Охридско лето. Во Центарот за култура Глигор Прличев ќе биде прикажан филмот „Исправи се Делфина“ на режисерот Александар Ѓурчинов - Ацо, во продукција на Вардар филм Скопје. 

Пијанистот Лаул ќе настапи со дела од Шуберт и Мусоргски. Рускиот уметник настапувал во речиси сите земји во Европа, но и надвор од границите на овој континент. Настапува како солист и како камерен музичар, соработувајќи со голем број значајни музички имиња и водечки оркестри. Чест гостин е и на некои на најпрестижните фестивали во Русија и Европа, меѓу кои и фестивалите „Ѕвездите на белите ноќи“ и „Лицата на интернационалниот пијанизам“ во Санкт Петерсбург, „Ноемвриска уметност“ во Москва и други. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и наградите за најдобра изведба на дела од Јохан Себастијан Бах и Франц Шуберт, како и почесната награда „За достигнувања на полето на уметноста“ од страна на Министерството за култура на Руската федерација.

На полето на камерната музика соработувал со Марк Копеј, Сергеј Левитин, Алена Баева, Александар Гиндин, Пол Мејер, квартетот „Бородин“ и многу други. Има издадено повеќе компакт-дискови, а има остварено и бројни ТВ и радиоснимки во Русија и други земји.

Филмот „Исправи се Делфина“ е еден од најпознатите македонски филмови, снимен далечната во 1976-77 година. Режисер и сценарист на филмот е Александар Ѓурчинов – Ацо, костимите се на Зорица Тодорова – Младеновиќ, а музиката ја напишал Славе Димитров. Во главните улоги настапуваат Дарко Дамевски, Диме Илиев, Неда Арнериќ, Слободан Димитриевиќ и Столе Аранѓеловиќ.