Свет
28. July 2019 - 10:15

Најмалку седум маоистички бунтовници убиени од индиските безбедносни сили

Најмалку седум маоистички бунтовници ноќеска се уиени во вооружена борба со безбедносните сили во индиската централна држава Чатисгар, соопшти денеска индиската полиција, пренесува ДПА. 

Вооружената пресметка избувнала доцна синоќа во шумски реон на Џадгалпур, откако бунтовниците отвориле оган врз заедничките паравоени и полициски сили.

Безбедносните сили спроведувале операција на пребарување на областа, по добиените разузнавачки информации дека во регионот има присуство на 40 до 50 бунтовници.

-Телата на седумте маоистички бунтовници, меѓу кои и три жени, беа пронајдени на локацијата по едночасовната борба, телефонски за ДПА изјави офицер од канцеларијата на државната полиција. Тој додаде дека оружјето и муницијата, исто така, биле најдени.

Полицијата не пријави повредени меѓу безбедносните сили.

Левичарските герилци, кои ја отфрлаат парламентарната демократија, велат дека нивниот вооружен бунт има за цел да ги обезбеди правата на сиромашните и маргинализираните. Тие делуваат во шумските појаси на неколку држави во Индија.

Чатисгар е една од најтешко погодените области од бунтот на маоистите, во кој во последните две децении загинаа повеќе од 3.100 цивили, милитанти и безбедносни сили, јави ДПА.