Македонија
9. September 2016 - 11:30

Намален бројот на кривични дела во Крива Паланка и Ранковце

Бројот на кривични дела регистрирани на подрачјето на општина Крива Паланка и Ранковце во текот на првото полугодие од 2016 бележи намалување од 6,7 отсто во однос на истиот период лани.

Според информацијата на превземени мерки и активности на Полициската станица од општа надлежност, Крива Паланка која ги опфаќа двете општини, презентирана на 35-та седница на Советот на општина Крива Паланка, во првото полугодие од годинава се регистрирани 98 кривични дела, додека во истиот период во 2015 година биле регистрирани 105 , што значи криминалитетот е намален за 6,7 отсто.

Од вкупниот број кривични дела, најмногу, 90, се од областа на класичниот криминалитет. Од нив, 40 се извршени од страна на непознат сторител, од кои расветлени се 18, со што е постигната ефикасност од 45 отсто. Од вкупно сторените кривични дела, пак, реализирани се 68 дела, со што е остварена реализација од 75,6 остсто и истата бележи раст од 3,4 отсто во однос на истиот период лани.

Во извештајот се наведува дека во текот на првото полугодие од 2016 регистрирани се вкупно три дела од областа на недозволената трговија, и тоа за „недозволено држење оружје или распрскувачки материи“. Сите дела се реализирани, поднесени се кривични пријави, а одземени се 59 куршуми, 316 парчиња петарди, еден револвер и 22 чаури.

Од областа на организираниот криминал на подрачјето на Крива Паланка и Ранковце во првите шест месеци од годинава се регистрирани пет кривични дела, од кои четири дела „фалсификување пари“ и едно дело „изнуда“.