Намален бројот на повредени хоспитализирани во земјата и странство нема транспорт на повредени надвор од државата
Со подобрена здравствена состојба и уредни токсиколошки анализи, 10 пациенти кои беа повредени во пожарот во Кочани заминуваат на домашно лекување. Здравствените власти велат дека бројот на хоспитализирани се намалува и во моментот потреба од болнички третман имаат 162-ца кои се во здравствените установи во земјата и во странски медицински центри. Во тешка состојба е еден пациент во Турција а во Грција, Бугарија и Србија има подобрување кај дел од повредените кои повеќе не се на респиратор. Надвор од државата има 115 повредени и Таравари најави дека нема повеќе да има транспорт во други држави.
- Од одредени држави има најави за враќање, ќе подготвиме протоколи и ќе бидат тука прегледувани пациентите, по што тие што се во добра состојба може да се пуштаат дома. Следниот предизвик со кој ќе се соочуваме се инфекциите, ќе бидеме максимално внимателни да превенираме се што можеме за да нема компликации, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.
При пожарот во дискотеката горела пластика, сунѓер, текстил и биле ослободени повеќе видови на отрови. Какви ќе бидат последиците зависи од концентрацијата и времетраењето на изложенсота на гасовите. Без задоволителни токсиколошки анализи нема да биде испишан ниту еден пациент, велат од Клиниката за Токсикологија.
- Како терцијарна институција, ние не смееме да си дозволиме со нерефернтни вредности да ги пуштиме дома. Ќе ги задржиме до понеделник и потоа имаме направено план да ги контролираме подолг временски период. Секако дека и откога ќе ги испишеме тие пацинети ќе останат извесен период под наша контрола, затоа што труењето со отровни гасови може да преминат и во хронични, вели проф. д-р Андон Чибишев, директор на Клиника за Токсикологија.
Во здравствените установи во земјата, најмногу хоспитализирани има во ГОБ 8-ми септември и во хируршката клиника Свети Наум Охридски, како и 9 повредени во приватните болници Аџибадем Систина и Жан Митрев.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар