Наместо данок за невенчани, владата да обезбеди повисоки плати и подобар стандард, велат од Реактор
Личен избор е дали некој ќе живее во брак или во вонбрачна заедница, договорот на хартија не треба да биде мерило за тоа дали заедницата е среќна и долготрајна – ова е ставот на претседателката на Реактор, откако вчера премиерот рече дека сериозно се размислува за данок кој ќе го плаќаат невенчаните. Според Тања Иванова, наместо на казнени даноци, треба да се фокусираме на решенија кои може да им помогнат на младите да планираат живот во Македонија. Една од основните работи, вели таа, се повиоски плати и подобар животен стандард.
„Земете ги за пример цените во нашите маркети и споредете ги со цените во Берлин, Брисел, кој било европски град. За жал, нема да најдете големи разлики, а разликите во платите се огромни. Така што, кога веќе размислуваат пред локални избори и нафрлаат секаков тип на чудни решенија, мислам дека можат и во таа насока да размислуваат Мицкоски и Владата и да пробаат да најдат решение како да го подобрат стандардот на младите луѓе кои би сакале да имаат деца“ – Тања Иванова, претседателка на Реактор
Иванова нагласува дека младите сакаат да живеат во општество каде нема да ги заплашуваат со казни, туку во чиста и средена околина, без корупција.
„Достоинствено живеење кое подразбира услуги коишто можете да ги имате без притоа да морате да фаќате врски. Не само здравството и школството ни е на прилично ниско ниво. Исто така, едно од клучните работи кои може да го подобрат ова и да ги натераат луѓето да раѓаат како што сака премиерот, е конечно да имаме нов закон за работни односи кој ќе предвиди споделено родителско отсуство и платено татковско отсуство“ – Тања Иванова, претседателка на Реактор
Засега не се знае дали Владата има конкретна анализа дека ваква мерка ќе доведе до зголемен наталитет. Бракот не гарантира дека во Македонија ќе се раѓаат повеќе деца, ако се земат предвид бројките од последниот попис кои покажаа дека дури 31 % од брачните парови живеат без деца.
Засега е непознато колкав ќе биде данокот за немажените и неженетите, на која возраст ќе бидат даночени, ниту дали ќе важи и за вдовци, разведени или само за оние кои никогаш не стапиле во брак.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар