Бизнис
20. December 2018 - 14:01

НБМР: Банкарскиот систем стабилен

И во третото тримесечје од годинава банкарскиот систем ја задржа својата стабилност, оцени Народната банка на Република Македонија (НБРМ) на денешната редовна седница на Советот.

Според НБРМ, претпоследниот квартал од 2018 година се одликуваше со забрзување на растот на активата, што се должи и на кредитите на нефинансиските субјекти и на ликвидните средства. Во рамки на кредитите на нефинансиските субјекти, кредитите на домаќинствата придонесоа најмногу за кварталниот раст, и тоа пред се оние во денари, што укажува на зголемена наклонетост на банките за овој вид кредитирање. Кредитирањето на нефинансиските субјекти на 30 септември 2018 година е 8,3 отсто, наспроти 6,5 проценти на 30 јуни 2018. 

Како што информира Централната банка, кредитниот раст беше поддржан и од солидниот раст на депозитите. Иако малку забавен на квартално ниво, годишната стапка на депозитниот раст заклучно со третиот квартал од 2018 година изнесуваше 10,9 отсто, наспроти девет проценти на крајот на вториот квартал од годинава. Денарските депозити по видување од нефинансиските друштва и денарските и девизните депозити по видување од домаќинствата имаа најголем придонес за кварталниот раст на депозитите од нефинансиските субјекти.

Според податоците и согледбите презентирани во Извештајот, во текот на првите девет месеци од 2018 година, банките остварија позитивен финансиски резултат од работењето. Притоа, главен носител на подобрениот финансиски резултат се пониските трошоци за исправка на вредноста што ги одразува активностите на банките за наплата на нефункционалните кредити, пред сè во првиот и вториот квартал од 2018 година. Стапките на поврат на просечната актива и просечниот капитал и резерви достигнаа солидни нивоа, од 2,2 отсто и 19,5 проценти, соодветно. Оттука, растот на добивката се должи на влијанието на еднократни фактори, но и на редовните активности на банките.

Во усвоениот Извештај, меѓу другото, е одбележано дека во третиот квартал од 2018 година, растот на нефункционалните кредити позначително забави, со што учеството на овие кредити во вкупните кредити на нефинансискиот сектор минимално се намали до историски најниското ниво од 5%. Нефункционалните кредити на домаќинствата забележаа раст, но забавен во однос на претходниот квартал, a во портфолиото составено од нефинансиските друштва, вкупните нефукционални кредити беа речиси непроменети.

Ликвидносниот ризик во третиот квартал се намали како резултат на зголеменото учество на ликвидните средства во вкупните средства на банкарскиот систем, а стапката на адекватност на капиталот изнесуваше 16,3 отсто што упатува на солидно ниво на солвентност.

Остварувањата на банкарскиот систем во третиот квартал од 2018 година се солидни во целина. НБРМ и понатаму ќе ја следи состојбата и ако биде потребно, ќе преземе соодветни активности.

На денешната седница, Советот ја донесе и Програмата за работа на НБРМ за 2019 година која содржи детален преглед на планираните активности и е дел од остварувањето на стратегиските цели утврдени со Стратегискиот план на НБРМ за периодот 2019-2021 година. Во рамки на актите коишто се однесуваат на работењето на централната банка за следната година, Советот ги разгледа и ги усвои и Среднорочната програма за работа на Дирекцијата за внатрешна ревизија за периодот 2019 – 2020 година, Програмата за работа на оваа организациска единица на НБРМ за 2019 година, како и Годишниот финансиски план, Годишниот план за инвестиции и Годишниот план за јавните набавки за 2019 година.