Македонија
6. November 2019 - 12:18

Неколку тони застарено ракетно гориво за градобијни ракети и друг експлозивен материјал изнесени од државава

Големото количество опасни и експлозивни ствари лоцирани меѓу населените места Ново Село и Волково, скопско, што неколку години претставуваше едно од најголемите загадувачки жаришта и опасност за животната средина, безбедноста и за здравјето на граѓаните, е отстрането од територијата на нашата држава.

Како што соопшти денеска владиниот Сектор за односи со јавноста, за отстранување на неколкуте тони застарено ракетно гориво за градобијни рекети и друг експлозивен материјал, имот на поранешната компанија АД „Теас-Темко“, кои со години лежеа во стоваришен простор во населено место, првично биле побарани 850.000 евра.

– Но, наместо трошок за граѓаните на нашата земја, Владата на Република Северна Македонија организираше постапка за продажба и чистење на теренот, согласно процедурите за управување и транспортирање на опасни материи, без ниту денар надомест за компанијата што ја спроведе постапката, стои во соопштението.

Постапката за повик и избор на понуда за оваа акција, се посочува, ја спровел Генералниот секретаријат, постапувајќи согласно заклучокот на Владата донесен на 118-та владина седница, при што била прифатена понудата на компанијата „Трајал“ од  Србија.

Во планирањето и спроведувањето на оваа постапка, Владата на Република Северна Македонија, се подвлекува во соопштението, првенствено се раководела од грижата за здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина.