Македонија
8. April 2025 - 16:31

Нема место за 4.671 дете во градинките

Две третини од градинките ширум државата опслужуваат многу повеќе деца отколку што имаат капацитет, покажува последната анализа на Државната ревизија.

Просекот на деца во една група далеку ги надминува пропушаните стандарди и норми, па воспитувачките и негувателките се принудени во една група да чуваат многу повеќе деца отколку што е потребно. 

Државната ревизија објави дека во последните три години изградени или реконструирани се 67 објекти на градинки. Но тоа суштински не променило ништо бидејќи за 4.671 дете немало место во градинките. 

- Преземените активности на Министерството за изградба на нови и проширување на капацитетите во постоечките објекти со буџетски средства не ги дале очекуваните резултати за обезбедување на услови за оптимален опфат на децата во системот на правата за заштита на децата. Од вкупно проектираниот капацитет од 1.057 деца во 11-те детски градинки кои се опфатени со градежни работи, во анализираниот период капацитетите се пополнети во 3 детски градинки со 158 места, што претставува 15% пополнет капацитет во однос на проектираниот, велат ревизорите.

Ревизијата покажува и дека, иако неколку градинки почнале да се градат уште во 2020 година поради административни пречки сѐ уште не се пуштени во употреба. Постојано се потпишуваат анекси за да се продолжи рокот. Такви случаи има во Чаир, Битола, Свети Николе, Василево, Арачиново, Липково.

АРАЧИНОВО ЛИПКОВО         

Објект - 45,2 милиони денари Објект: 46,9 милиони денари

Мебел - 12,05 милиони денари Мебел: 8,76 милиони денари

Вкупно - 57,25 милиони денари Вкупно: 55,66 милиони денари

Дополнително, идетинчен објект бил поскап во Липково отколку во Арачиново. Разлика во цените имало и за изградба на објектот и за нивно опремување.

МИНИСТЕРСТВО ЗА СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА

115.003 деца - 34,5% запишани во градинка

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА СТАТИСТИКА

129.879 деца - 29% запишани во градинка

Дополнително, државата добива два различни статистички податоци од две институции за бројот на деца и бројот на запишани, што е голем проблем за креирањето политики. И според Mинистерството и според Државната статистика, само околу една третина од децата се запишани во градинка.