Неопходни реформи во системот за управување со кризи – Оформена оперативна акција „Пожар 2024“
Управувачкиот комитет за справување со кризи вчера ја утврдуваше состојбата за досегашното справување со пожарите ширум земјава и донесе одлука за реорганизација на целокупниот систем, односно Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) со законски измени да се интегрираат под една команда.
Со состанокот раководеше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а присутни беа директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, министрите за здравство Арбен Таравари, за одбрана Владо Мисајловски и за земјоделство, Цветан Трипуновски, како и директорот на ЈП „Национални шуми“ Здравко Трајанов.
Министерот Тошковски посочи дека ЦУК и останатите институции делуваат во рамките на нивните капацитети, но дека тоа е несоодветно и ненавремено за потребите, затоа, рече, системот мора суштински да се реформира.
– Факт е дека треба да се реорганизираме суштински во насока на соодветна реакција за ваква кризна состојба. Се размислува во насока да се создаде едно тело во иднина кое што ќе ги има и капацитетите материјални и човечки капацитети да одговори соодветно на вакви кризни состојби. Тоа би било едно од можните системски решенија, посочи Тошковски на вчерашниот состанок.
За ова согласен беше и директорот на ЦУК, Ангелов, кој нагласи дека на системот за управување со кризи му е неопходна длабока реформа. Тој рече доколку се спојат ЦУК и ДЗС, би се добило една функционална институција, но и специјална единица за заштита и спасување со 120 луѓе, за која рече дека би била мултифункционална, односно летно време да гасне пожари и спасува луѓе заглавени во вода или планина, како и да вади луѓе од урнатини во случај на земјотрес.
Според него, во двете институции моментално има превработеност на одредени позиции, а нема луѓе таму каде што се потребни. Негова оценка е дека земјава има добри ТППЕ, но тие не се недоволни за ваков обем и динамика на пожари.
– Тука ми беа прилично врзани рацете, затоа што затекнав таква состојба, во делот на вработувањата имав многу мала можност да извршам корекции. Во ЦУК сега има околу 300 вработени, а во ДЗС повеќе од 300, што е преку 600 луѓе. Сметам дека со помалку луѓе би добиле нова, функционална институција и плус специјална единица за заштита и спасување со 120 луѓе за почеток, која би била мултифункционална. Таквата единица би дала сосема нова димензија, затоа што детектираните слабости не може поинаку да се отстранат, рече Ангелов одговорајќи на новинарски прашања.
Се предвидува нов Закон за пожарникари
Министерот за одбрана, Мисајловски, во изјава за МИА вели дека Министерството ќе ги разгледа сите предлози на работните групи кои изминативе години работеле на изработка на нов Закон за пожарникарство и во најбрз можен рок ќе излезе со предлог до Владата.
Министерот истакна дека дел од платите на пожарникарите се обезбедуваат преку наменски дотации од буџетот на Министерството за обрана, односно на ниво на држава 734 пожарникари се финансираат преку наменски дотации.
Мисајловски за МИА ја потврди информацијата дека хеликоптерите од италијанската фирма „Леонардо“, кои беа проект на минатата Влада, ќе се користат и за гаснење на пожари.
– Ве информираме дека хеликоптерите ќе бидат опремени со инсталација подготвени за гаснење на пожари, изјави кратко Мисајловски.
Состојба со пожарите ширум земјава
Директорот на ЦУК вчера по работниот состанок информираше дека пожарите на Серта се ставени под контрола, но дека ситуацијата будно се следи. Рече дека засега нема потреба од странска помош, Дирекцијата успешно се справува со актуелните пожари, како и дека очекува стабилизација на состојбата доколку се остварат најавите од УХМР за врнежи ширум земјава, но напомена дека не се чека да заврне, туку ЦУК активно работи на справување со пожарите. Сепак, дождот кој вчера попладне заврна над Богомила и останатите села во реонот на Општина Чашка, ги изгаси пожарите и големите жаришта во реонот кои беснееја повеќе од една недела. Од РЦУК - Велес за МИА информираа дека поројниот дожд ги изгаси сите пожари во регионот.
Директорот на ЦУК информираше дека досега се повредени неколку пожарникари. Еден пожарникар и еден жител на населено место здобиле изгореници при гаснење пожар, командир на Штипската противпожарна единица ги скршил двете раце паѓајќи во провалија, а со него паднал и пожарникар кој ја скришл едната рака, додека ден претходно пожарникар доброволец за гаснење на планината Серта ја скршил раката, паѓајќи од квадрицикл.
Штетата од пожарите, истакна, дополнително ќе биде утврдена од Национални шуми или од МЗШВ.
– Според мојата лична перцепција, на планината Серта најголем дел или преку 90 отсто, се изгорени трева, грмушки, трње, нискостеблести растенија и борови покрај патот. Економската штета можеби не е голема, таа е поголема во однос на ресурсите, но еколошката штета е голема, изгоре голем дел растенија чиј коренов систем ја одржува почвата па сега, при врнежи, може да дојде до ерозија, истакна Ангелов.
МВР оформи оперативна акција „Пожар 2024“
Министерот за внатрешни, Тошковски, информираше дека оформена е оперативна акција „Пожар 2024“, во која што се вклучени сите сектори за внатрешни работи во земјава, бидејќи, како што рече, факт е дека најголем дел од пожарите се предизвикани од човечки фактор. Тој нагласи дека досега има двајца осомничени за два конкретни пожари.
– Досега имаме двајца осомничени за два конкретни кривично-правни настани и се преземени соодветни процесни чекори од аспект на утврдување на вистината и процесиуирање понатака до надлежни органи. Сакам да упатам апел до секој еден македонски граѓанин доколку е во ситуација да увиди дека постојат сомнежи за какво било незаконито делување од кој било навремено да информира, полицијата навремено ќе одговори и ќе ги преземеме жестоко сите оние чекори коишто се потребни се со цел да може секој еден којшто ќе се огреши во овој дел особено да одговара, рече министерот.
Основното јавно обвинителство Велес, вчера поднесе Обвинителен предлог против едно лице од велешкото село Горно Оризари за кривично дело – Предизвикување општа опасност според член 288 став 1 од Кривичниот законик.
Како што информираа од Обвинителството, се работи за 25-годишник, кој на 21 јули на дива депонија во селото со умисла предизвикал пожар, палејќи стари седишта од автомобил.
– Бидејќи местото било обраснато со сува трева, а на депонијата имало и бали суво сено и други предмети, огнот брзо се проширил. Со тоа обвинетиот предизвикал значителна опасност по животот и телото на луѓето и по имотот во околните села. Опасноста да биде предизвикана штета од големи размери со ваквите дејствија на обвинетиот е особено изразена со оглед на алармантната состојба со пожарите во околината на Велес и на територијата на целата држава. Заедно со обвинението, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Велес достави предлог за определување мерка притвор за обвинетиот, поради опасност од бегство и можност да го повтори делото. Судот го прифати предлогот и ја определи бараната притворска мерка, се наведува во соопштението на Основното јавно обвинителство.
Забрана за движење во шума
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) по барање на ЈП „Национални шуми“, на 15-ти месецов, воведе целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште, поради зголемена опасност и превенирање од појава на шумски пожари на отворен простор.
Од ЈП „Национални шуми“ велат целосната забрана за движење во шумите ќе трае се до проценката дека ризикот од шумски пожари е намален, а дозволено ќе биде единствено со писмено одобрување издадено од страна на подружниците на ЈП „Национални шуми“, за подрачјето со кое управуваат.
За непочитување на забраната за движење во шумите и шумското земјиште, на физички лица кои ќе се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противредност.
Забраната не се однесува на Водно и на националните паркови, бидејќи, како што наведуваат од ЈП „Национални шуми“, тие подрачја не се под нивна надлежност.
Ново на Сител
-
Тошковски: Имаме голем број докази за криминали добиени преку SKY апликацијата, акциите веќе не протекуваат и сите што треба завршуваат зад решетки
-
Без струја денеска дел од Општина Илинден, без вода неколку улици во Кисела вода
-
Путин: Украина мора да биде неутрална за да дојде до мир
-
Комеморација за писателката Оливера Николова
-
Мицкоски оптимист за иднината на земјава во ЕУ, од Брисел порака дека европскиот пат зависи од уставните измени
-
Презентација на Реформската агенда на Владата (2024-2027) во Собрание
-
Во текот на ноќта соборени 17 украински дронови над руска територија
-
Трамп ја именуваше менаџерката на кампањата Сузан Вајлс за шефица на кабинетот