Македонија
1. јуни 2017 - 21:56

Невреме во скопско, пороен дожд и силни електрични празнења

Во главниот град вечерва има позначително дестабилизирање на времето. Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), зафатено е скопското подрачје каде има силни електрични празнења, силен ветер и пороен дожд.
 
Оваа нестабилна воздушна маса полека се повлекува кон источните подрачја на земјава каде се очекува локално повторно да има пороен дожд и силни електрични празнења, информираат од УХМР.
 
Преку ноќта временската состојба постепено ќе се стабилизира.
 
В петок попладне и во сабота во повеќе места ќе биде нестабилно облачно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни, во форма на невреме.
 
Потоа, во наредните денови продолжува периодот на нестабилно време со пороен дожд, грмежи, појава на град и засилен ветер.