Свет
22. August 2016 - 9:51

„Њујорк тајмс“: Добротворниот фонд е „Ахиловата пета“ во кампањата на Хилари Клинтон

 Добротворниот фонд на семејството Клинтон добивал десетици милиони долари од земји кои американскиот Стејт департмент ги обвинувал за кршење на човековите права, вклучувајќи го и времето кога Хилари Клинтон била американски државен секретар, објави весникот „Њујорк тајмс“.

Весникот оценува дека активностите на овој фонд „и нанесуваат штета“ на предизборната кампања на Хилари Клинтон.

-Саудиска Арабија донирала повеќе од 10 милиони долари. Истото важи и за Виктор Пинчук , зетот на поранешниот украински претседател Леонид Кучма, чие владеење активно го критикуваа заради корупција и убиства на новинари. Либанско-нигериска организација со големи бизнис интереси вложила пет милиони долари“, наведува авторот на текстот. во „Њујорк тајмс“.

Меѓу донаторите се и земји како ОАЕ, Катар, Кувајт, Оман, Брунеј и Алжир.

Весникот оценува дека фондот е „Ахиловата пета“ за Клинтон, а во случај на нејзина победа ќе стане и за нејзината администрација, и покрај неодаменшното ветување дека во тој случај фондот ќе биде затворен.

Според јунското истражување на агенцијата „Блумберг“, 72 отсто од гласачите биле загрижени за тоа што фондацијата на Клинтонови примила пари од странски донатори во периодот кога Хилари била државен секретар.