Свет
19. September 2023 - 16:34

Париз и Берлин со предлог за реформи во ЕУ пред проширувањето

Германско француската работна група задолжена за институционалните реформи во ЕУ објави извештај во кој се препорачува серија внатрешни промени со кои ќе се овозможи проширување на Унијата до 2030 година. Во извештајот насловен Пловење на отворено море се предлага  ЕУ да премине на одлучување со квалификувано мнозинство во што е можно повеќе области и да спроведе бројни реформи на повеќе нивоа, како и да се посвети на целта да биде подготвена да прими нови членки  до крајот на ова десетлетие. 

Тоа ќе значи симплифицирање на процесот, но сепак за  конечна ратификација на прием ќе биде потребна едногласност. Првите итни мерки за подобрување на функционалноста на Унијата ќе треба да се спроведат пред изборите за Европскиот парламент во 2024 година, а означајни реформи, вклучително и подготовки за промени во Европски договор, треба да се имплементира до 2029. Се предлагаат два начини на идното пристапување, во помали  групи од две или три земји  или пак повеќе земји заедно кои ќе си помагаат во реформскиот процес. 

Првиот начин би бил според мерит системот, додека според вториот начин земјите ќе се чекаат меѓу себе во зависност од реформите за да можат заедно да пристапат.  Останува правилото новите членки да немаат  билатерални спорови со некоја членка на ЕУ.  Се предвидува и проширување во фази со што се отвора можност идните членки да учествуваат во одредени политики пред формално да бидат примени. Тоа ќе значи еден вид на постепена интеграција, која веќе се разгледува за западен Балкан и Украина.