Свет
2. December 2023 - 9:28

Демонстрант со палестинско знаме се самозапали пред израелскиот конзулат во Атланта

Демонстрант со палестинско знаме се самозапали синоќа пред израелскиот конзулат во американскиот град Атланта, соопшти полицијата.

Демонстрантот, кој не е идентификуван, е во критична состојба, а повреден е и еден полицаец кој се обидел да интервенира. Двајцата имаат изгореници и се пренесени во болница.

– Се чини дека тоа е екстремен чин на политички протест, изјави Дарин Ширбаум од полицијата во Атланта, додавајќи дека на местото на инцидентот е пронајдено палестинско знаме.

Демонстрантот пристигнал пред зградата во која се наоѓаат конзулатот и неколку фирми, се полил со бензин и се запалил.

Жалење за инцидентот искажа генералниот конзул на Израел за југоисточниот дел на САД, Анат Султан-Дадон. – Трагично е да се види дека омразата кон Израел се изразени на толку страшен начин.

Светоста на животот е нашата најголема вредност, рече Султан – Дадон.