Македонија
15. February 2016 - 13:11

Нов број на списанието „Акт“

Избор од современа македонска поезија и проза, но и препеви од европски автори донесува најновото, 58-мо издание на  списанието за култура и уметност „Акт“ кое деновиве излезе од печат. 

Меѓу содржините на 58. број се и критичкиот осврт на Ефтим Клетников кон новата поетска книга на Раде Силјан „Молитва за Македонија“, како  и за поезијата на Ацо Шопов од Софија Тренчовска, стихови од Виолета Танчева-Златиева, Гордана Хаџипанзова-Јанева, Вања Изова-Велева. На страниците се поместени и препеви од поезијата на Зоран Богнар, поет родум од Вуковар, кој е добирник на значајни книжевни награди во Србија, како и на руската авторка од помладата генерација поети Ана Ростокина.

Читателите ќе имаат можност да се запознаат и со Александар Шурбавов, професор по англиска литература на Универзитетот во Софија, инаку истакнат бугарски преведувач и автор, кој по потекло е охриѓанец. Тој гостуваше на првиот Зимски поетски фестивал во рамки на Струшките вечери на поезијата, одржан во декември минатата година.

Иднината на списанието е неизвесна затоа што тоа не доби поддршка во Годишната програма за култура за 2016. Тоа го поттикна глваниот и одговорен уредник Братислав Ташковски  уводникот на овој број да го наслови „Испревртено“ за, како што вели, исвпревртените состојби во книжевноста и издаваштвото. 

- Мораме да кажеме дека нашето списание „Акт“ можеби повеќе нема да излегува бидејќи комисијата смета дека после 12 години ова списание треба да го нема, пишува Ташковски.