Македонија
10. јуни 2024 - 17:15

Нова компресорска станица за нормална работа на хируршките клиники – ама кога?!

Што значи итна набавка на нова компресорска станица и промена на инсталација на хируршките клиники ако укажувањето на Владата се уште патува до заеднички служби. Од Установата задолжена за одржување на опремата во клинички велат дека кога ќе го добијат дописот имаат една недела рок да достават оперативен план. Кризата во здравствениот сектор продолжува а  хирургија е на преодно решение и со намален интензитет на работа.

Засега само Урологија функционира во полн капацитет. Од денеска во фунцкија им се двете сали со надворешни компресори и директорот Сашо Дохчев вели дека го спроведуваат оперативниот план за да нема голем застој за пациентите. На Траума и ортопедија интервенции работат во 4 сали. Абдоменалните хирурзи, пак, досега воопшто не оперираа и на Клиниката за дигестивна хирургија ќе почнат со работа во една сала неделава.  

-Мислам дека од оваа недела ќе почне клиниката внимателно во една сала да оперира пациенти што ни оддалеку не е по стандардите што таа клиника ги заслужува, вели проф. д-р Светозар Антовиќ дигестивен хирург – Клиника за дигестивна хирургија.

За професор Антовиќ состојбата на клинички ако порано била жална сега е срамна и очекува овој проблем да биде приоритет и прва точка на новата Влада.

-Срамота за оваа држава што дозволи една таква институција од национален интерес да се најде во ваква состојба. Замислете да не оперираат хирурзи, три, четири недели, нешто што не се случило во историјата на македонското здравство, вели Антовиќ.

Надворешните компресори се преодно решение но додека тие почнаа да функционираат во салите целиот товар го понесоа ГОБ 8ми септември и клиниката Свети Наум Охридски кои третираат само итни случаи и капацитетите им се скоро исполнети.