Македонија
16. February 2026 - 16:35

Нови правила за добивање субвенции: Трипуновски вели парите ќе одат само кај вистинските земјоделци

Ако имате два декари лозје и грозјето го користите за да си направите домашно вино и ракија – отсега субвенции нема да добиете. Државата ги заострува правилата преку Новата програма за финансирање вредна над 98 милиони евра. Па така, во сточарството, наместо една или две крави, за субвенции минимумот ќе биде три. Кај козарството, прагот се зголемува од 10 на 30 кози, исто како и во пчеларството. Во лозарството, најмалата површина за субвенционирање ќе биде 5 декари, а се зголемува прагот и за полјоделските и градинарските култури. 

- Имаме мало поткревање на површините коишто се услов за користење на субвенциите со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна. Нема кратење во делот на субвенциите, туку има дополнителни условувања во делот на производството во делот којшто треба да го постигнеме на едно повисоко ниво. Сите овие почетни реформи коишто ги правиме се да дадеме еден правец каде ќе се движи Македонија во наредниот период. Мораме овие субвенции кои ги даваме како држава да бидат на вистинскиот начин дадени кај луѓето кои навистина работат и произведуваат земјоделски производи – вели министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски.

Трипуновски вели дека во моментов има околу 65 илјади корисници на субвенции, а со новите правила очекува благо намалување. Најави и засилени контроли откако се дознало дека се исплаќаат субвенции за земјишта кои воопшто не се обработуваат, а имало и случаи каде во штала за добиток биле затекнати само ушни маркици. 

- Инспекторите од државниот земјоделски инспекторат ќе бидат ставени на располагање на Платежната агенција со цел да бидат контролите на терен максимално спроведени и да нема одлевање на вакви буџетски средства. Дополнително дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат своето производство во откупен или преработувачки центар – кажа министерот. 

СДСМ, пак, вели дека Владата ги намалила субвенциите на земјоделците за 40 милиони евра.

- Трипуновски сака ова кратење на субвенциите за 2026 година да го престави како некаква „мала реформа“.  Со зголемувањето на минималните површини за лозарство, овоштарство и поледелските култури, неколку илјади земјоделци за прв пат од 2004 година наваму ќе останат без денар субвенции. Дали за „реформа“ Трипуновски и владата на Мицкоски го сметаат елиминирањето на илјадници земјоделски семејства од системот на државна поддршка? – велат од СДСМ.

Во меѓувреме, Трипуновски најави дека државата најверојатно ќе ги поддржи проектите од ИПАРД кои веќе се одобрени, а потоа средствата ќе се компензираат со европски пари.