Нови рокови за автопатот Кичево – Охрид и пругата кон Бугарија, старт на интерконекторот со Грција
Капитални инвестиции во вредност од 10 милијарди и 885 милиони денари во делот на патната мрежа, железницата, гасификацијата и комуналната инфраструктура најавува Министерството за транспорт и врски за годинава. Планирани се активности за изградба на автопатски делници на Коридор 8 и Коридор 10 д, со 6,1 милијарда денари, интензивирање на изградбата на автопатот Кичево-Охрид и на експресните патишта, како и продолжување на изградбата на железницата кон Бугарија со 2,5 милијарди денари.
Кичево-Охрид ќе се гради до крајот на 2023, најавени три нови автопатски делници
И за годинава се најавува интензивирање на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, проект на две влади, а за кој рокот за завршување повторно се пролонгира, овој пат до крајот на 2023 година.
Изградбата на автопатот, во должина од 57 километри, стартуваше во 2014 година во мандатот на претходната Влада. Требаше да биде готов до 2018 година, но по промената на власта, според образложението на надлежните институции, поради пропусти во проектирањето, со анекс на Договорот рокот беше продолжен 30 јуни 2021.
Од ресорот транспорт очекуваат дека со усвојувањето на законските измени за анексот за продолжување на изградбата, градежните работи ќе се засилат со потребната динамика. Веќе се одобрени 63 од вкупно 70 нови проекти за автопатот и се отстрануваат институционалните пречки. Реализирани се 62 проценти од работите, а седумгодишниот проект чини 598 милиони евра.
На автопатот Скопје-Блаце се очекува до средината на годинава да биде пуштена за сообраќај првата фаза од ГП „Блаце“ до село Блаце, во должина од два километри, како и да биде распишана постапката за избор на изведувач за втората фаза од село Блаце до аеродромот Стенковец. На првата делница се завршени 48 проценти од градежни работи, а во тек се активности за асфалтирање, ископи, канали и бетонирање на други објекти. Инвестицијата за првата делница изнесува 14,2 милиони евра. За втората, од село Блаце до клучката Стенковец, која е во должина од 10,5 километри, се најавува тендерска постапка за вториот квартал годинава. Се очекува во првиот квартал годинава да биде готов основниот проект и да бидат завршени и инфраструктурните проекти за да може да започне постапката за избор на изведувач. Проектот вкупно чини 120 милиони евра, обезбедени со заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ).
За наредниот период се очекуваат и конкретни чекори за реализација на најавата од Владата за изградба на три нови автопати со целосно променети постапки за избор на изведувач, односно без тендер, според меморандум потпишан со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“
Собранието во јули лани го донесе Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола). Со него се овозможува реализација на Меморандумот на Владата со „Бехтел и Енка“ како стратешки инвеститор за изградба на автопатите Тетово – Гостивар, Струга – Ќафасан, како и Прилеп – Битола. Првпат се предвидува изградба преку нов модел без распишување тендер, за кој власта уверува дека ќе ги даде најбрзите и најоптималните резултати во изградбата на патната мрежа.
Со законското решение се уредува проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридорот 8 и Коридор 10 д, како поединечни проекти за капитални инвестиции од стратешко национално значење за државата. Државната антикорупциска комисија оцени дека со овој закон се ограничува конкуренцијата и можноста од фер натпревар, бидејќи не се предвидува тендерска постапка. Откако Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот, минатиот месец Владата го формираше и тимот за преговори со американско-турскиот конзорциум за изградба на автопатите. Во преговарачкиот тим тогаш се најдоа се вицепремиерите Артан Груби, Љупчо Николовски и Фатмир Битиќи, министрите Фатмир Бесими, Крешник Бектеши, Благој Бочварски, Насер Нуредини и Јагода Шахпаска, како и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми. Владата најави дека ќе испрати барање до Собранието за номинирање и на член од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. На крајот на декември беше објавен тендерот за избор на надзор и правен трансакциски консултант што ќе ги води преговорите заедно со формираниот Комитет. Со тоа е овозможен почеток на подготвителните работи за конкретна реализација на активностите. Почетокот на градежните работи се очекува кон крајот на првата половина од годинава,
Во тек се и подготовките на тендерска документација за изградбата на автопатот Кичево – Букојчани во должина од 10 километри. Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) минатиот месец одобри кредит во износ од 110 милиони евра за финансирање на изградбата и услугите за супервизија на 10,2 километри автопат од Коридорот 8 на потегот од Букојчани до Кичево, заедно со деталниот нацрт на подсекцијата од 4 километри.
Се изработува проектна програма за нов експресен пат Романовце-Страцин
Годинава според најавите ќе заврши изградбата на експресниот пат од Крупиште до Кочани, како и да продолжи изградбата на експресните патишта од Градско кон Прилеп и од Ранковце до Крива Паланка и да се обнови целата патна делница Плетвар. Лани беше завршен експресниот пат Штип – Радовиш. По заокружувањето на првата фаза со должина од 23,56 километри од клучката Штип југ до Бучим, минатиот месец беше завршена и втората фаза – делницата од клучката Три Чешми до Штип југ, која беше пуштена во сообраќај со времен режим. Завршена беше и делницата од Бучим до Радовиш.
Новиот експресен пат Страцин – Длабочица – Крива Паланка, кој е финансиран од Светска банка, според најавите се очекува да биде комплетиран и пуштен во сообраќај до крајот на годинава, а делницата Крива Паланка – Деве Баир финансирана од ЕБОР и ВБИФ, до средината на годинава. Во изработка е проектна програма за проектирање на нов експресен пат Романовце – Страцин, кој е планиран да се финансира од ИПА 3.
Во тек се активности за рехабилитација на магистралниот пат Куманово – Страцин, проект поделен на два дела. Обновата на првата фаза од Куманово до село Војник, во должина од 15,2 километри, во вредност од 4,7 милиони евра средства обезбедени од ИПА 2 фондовите треба да заврши во јуни следната година. Втората фаза од село Војник до Страцин, во должина од 16,6 километри, во вредност од 7,2 милиони евра, обезбедени преку Јавното претпријатие за државни патишта, е веќе во завршна фаза. Минатата година беше рехабилитиран и реконструиран патот од Ранковце до Крива Паланка во должина од 21 километар
Напролет треба да продолжи изградбата на пругата кон Бугарија
Во финална фаза се процедурите од тендерската постапка за изградба на железничката пруга од Коридорот 8. За двете делници во игра се осум компании. Се очекува на почетокот на годината да се склучат договорите со избраните компаниите. Изградбата на источниот крак на железничкиот Коридор 8 е поделена во три фази, Куманово – Бељаковце, Бељаковце – Крива Паланка и Крива Паланка – граница со Бугарија.
На првата делница во должина од 31 километар се завршени 54 проценти од градежните работи, кои беа прекинати откако германски „Вибе” еднострано го раскина Договорот за изведба. Втората делница е долга 34 километри. И за двете делници е заокружена финансиската конструкција, а за третата, од Крива Паланка до границата со Бугарија, која е во должина од 24 километри, досега се обезбедени 60 милиони евра и се работи на обезбедување на останатите потребни финансии. Се планира првата и втората фаза заедно да се реализираат во рок од 36 месеци.
Заложби за изградба на железничкиот дел од Коридорот 8 изнесоа и министрите за транспорт на Северна Македонија, Благој Бочварски, на Бугарија, Христо Алексиев и на Албанија, Белинда Балуку, кои во Софија потпишаа трилатерален Меморандум за соработка. Документот одредува јасни датуми за развој на трите земји и нивните активности на Коридорот 8, а очекувањата се тој да биде готов до 2030 година. На западниот дел од Коридорот 8 кај нас е подготвен проект за железничкиот дел од Кичево до границата со Албанија во должина од 70 километри и се разгледуваат можности да се најдат средства.
Со средства од Буџетот ќе се реализираат автопатските делници Тетово – Гостивар, Тебеништа – Струга – Ќафасан, Прилеп – Битола, како и Гостивар – Букојчани, делницата Букојчани – Кичево со средства од ЕБОР, а со пари од ИПА ќе се спроведуваат проектите за изградба на Скопје – Блаце и Градско – Дреново. Покрај за изградбата на железницата на Коридорот 8, обезбедени се средства и за реконструкција на железничката пруга на Коридор 10.
На почетокот на годинава треба да стартуваат и активностите за изградба на интерконективниот гасовод меѓу нашата држава и Грција. Предвидена е изградба и на магистралните гасоводи делница Скопје – Тетово, Гостивар – Кичево и делница Свети Николе – Велес.
Гасоводниот крак кон Битола е со реализација од над 96 проценти и се очекува да биде готов годинава, за кога се најавува завршување и на кракот кон Гостивар.
За интерконекторот со Грција се обезбедени средства откако минатиот месец министерот за финансии Фатмир Бесими и потпретседателката на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Лилјана Павлова го потпишаа Договорот за гаранција на Република Северна Македонија. Вкупната инвестициска вредност на проектот изнесува 57,8 милиони евра, при што со потпишување на конкретниот договор за заем се обезбедуваат 28,9 милиони евра. Преку инструментот ВБИФ се обезбедуваат дополнителни 12,4 милиони евра како инвестициски грант, којшто ќе го управува Европската инвестициска банка, за што, исто така, беше потпишан договор меѓу НЕР и ЕИБ. Преостанатите 16,5 милиони евра ќе се обезбедат од ЕБОР за што Владата во наредниот период ќе поднесе посебен Предлог-закон за гаранција.
Во Буџетот за 2022 година се предвидени 8 милијарди денари повеќе за капитални проекти во однос на износот за таа намена за 2021 година. Капиталните инвестиции во 2022 година учествуваат со 14 проценти во вкупните буџетски расходи. Реализацијата на инфраструктурните капитални проекти, според очекувањата на Владата, ќе овозможи забрзан раст на економијата и постигнување економски раст од 4,6 проценти.
Минатата година реализацијата на капитални инвестиции беше на ниво од околу 370 милиони евра или околу 77 проценти во однос на планираните средства, а за 40 проценти повеќе споредено со истиот период од 2020 година
Ново на Сител
-
„Фолксваген“ повлече над 114.000 возила во САД
-
Силен земјотрес регистриран во Чиле
-
Министерство за енергетика: Распределбата на ваучери се одвива според предвидената динамика
-
Американците гуглаат како да заминат од земјата по победата на Трамп
-
Исчезната жена во Скопје, семејството моли за помош
-
Австрија ја прогласи целата земја за ризична област поради појава на птичји грип
-
Ѓердан што сведочи за пропаста на Марија Антоанета оди на надддавање
-
Реформската агенда на владата пред пратениците