Македонија
1. December 2022 - 16:32

Ново ветување - комплет учебници до Нова Година

Полугодието пред крај, учебниците на пат. Овој основен наставен материјал со кој требаше да почне учебната година во септември, ќе биде испорачан до крајот на декември, е проценката на Министерството за образование.

Ова е новиот рок кој си го зададе Министерството, со оглед на тоа дека не се исполнија повеќето од министерот Шакири, за учебници оваа есен.

Дефицитарни или воопшто ги нема се учебниците од прво до петто одделение.

“Веќе е завршена испораката на учебниците по првиот договор за печатење, што ги опфаќа учебниците за четврто одделение по македонски јазик и по математика, како и учебниците по турски јазик за четврто и петто одделение. Испораката на учебниците по вториот и третиот договор ќе се одвива оваа работна недела. Станува збор за 18 учебници”, потенцираат од МОН.

Веднаш потоа почнува испораката и на учебниците по четвртиот и последен договор, односно за учебниците кои се на албански наставен јазик.

“Родителите се револтирани. Во недостиг од книги за учење, голем дел од нив се принудени да се снаоѓаат за да го олеснат образовниот процес за нивните деца. Се купуваат учебници на своја рака, или пак се учи од малкуте кои досега се стигнати во училиштата”

Станува збор за големи пратки и оттаму испораката е забавена, велат од Министерството. 

“Ги известуваме учениците и родителите дека новите учебници ќе бидат достапни и на веб-страницата на Министерството за образование и наука. Апелираме до родителите да не прават беспотребни трошоци и да ги копираат учебниците, бидејќи печатените учебници ќе бидат достапни за секој ученик бесплатно”, информираат од Образование.

Од Министерството напомнуваат дека нема потреба ниту од печатење на учебниците кои се достапни во електронски формат на веб страната на Министерството.