Бизнис
30. January 2021 - 13:19

НУК со петте барања кај Битиќи, за работното време по 21 часот нема да се дискутира

Тројцата претставници на Независната угостителска комора (НУК) кои денеска во 14:00 часот треба да одржат работна средба со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во Владата, ќе ги повторат петте барања што беа јавно соопштени на 3 јануари годинава.

Како што изјави за МИА претседателот на НУК, Здравко Јосифовски, продолжувањето на работното време по 21 часот нема да биде тема за дискусија.

-Ние секако не ни очекувавме дека работното време ќе биде променето во наредниот период, до стигнување на вакцината. Тоа беа само, на некој начин, празни ветувања. Затоа воопшто не се „замараме“, но бараме од Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство да се формира група за изготвување унифицирани протоколи кои ќе ја опфатат целокупната угостителска индустрија. Така ќе знаеме под кои услови кој како ќе може да работи. Во спротивно, повторно ќе се вратиме на крпениците од протоколи: на секоја недела-две еден час повеќе или помалку да се работи, музика денес има утре не, некој направил журка ама сите ќе ги казниме, вели Јосифовски.

НУК очекува Владата да има слух за барањата на угостителите.

-„Дупла петка за Владата“, така ги нарековме нашите барања кои се совпаѓаат со новиот, петти сет економски мерки. Очекуваме Владата да ги исполни, да ни излезе во пресрет, но и да ни каже колку пари може да одобри за секое од нив и под кои услови, нагласува Јосифовски.

Безусловна помош за вработените во угостителската индустрија до крајот на пандемијата, односно додека траат ограничувањата за работа, надомест во вид на неповратен грант за штетата направена со последната рестриктивна мерка од декември која траеше до 20 јануари и кога работното време на угостителите беше до 18  часот, достапност до долгорочни, бескаматни државни кредити, изедначување на ДДВ за угоостителските субјекти согласно ветените 10 проценти, како и одлагање или репрограмирање на сите извршни постапки врз угостителите и угостителската иундустрија, се петте барања на НУК.

-Доволно е Владата да издаде гаранција за сите угостители во висина од 10,20, 50 или 100 милиони евра и ние ќе се обратиме до банките. Секој од гаранцијата ќе си повлече колку што му треба, а може да повлечеме кредити со ниски камати, со година – две грејс период и пет до десет години отплата. Владата не се задолжува по овој основ, а директно би ни помогнала да ги санираме штетите и да се вратиме во живот. Значи, ние нема во ваков случај да ја оштетиме Владата, а таа со еден лист хартија може се да заврши, смета Јосифовски.

Средбата со Битиќи требаше да се одржи вчера, во 14:30 часот, но вицепремиерот не можел да присуствува, поради што од неговиот Кабинет предложија средбата да биде со некој од замениците. НУК го одби ваквиот предлог по што следуваше договор за денешната средба.

Колкави се досегашните штети во угостителската индустрија поради корона пандемијата, од НУК велат дека ќе се знае точно во март, по завршните пресметки.