Македонија
11. јуни 2021 - 12:09

О2 до Богдановиќ: Приказната дека дрвата се сечат оти се стари е очајна

Подмолно, без никаква најава ги сотреа најголемите дрвја на улица Орце Николов, болни биле, исто како тие на булевар Србија пред 1 месец или како тие на Рузвелтова, реагира иницијативата О2 за вчерашното сечење на дрва. Од таму велат дека приказната за тоа дека дрвата се сечат бидејќи се стари е очајна, ама очигледно „не се припотресуваат да смислат нешто малку попаметно, зошто нели, народот е доволно глуп да им даде доверба, ќе заборави по неколку дена".

„А тие ќе заблескаат победоносно на фотографиите со новото посадено зеленило зумирано до максимум, ќе продолжат да си ја раскажуваат својата поинаква приказна чекор по чекор, зборот е збор, дрн дрн јариња.  Од она што се гледа, дрвата не се болни, единствен проблем им е што биле големи, најголемиот дел исечени дрвја се со огромни стебла. Од она што се гледа на терен останува впечаток дека им се нашле на пат за поставување, цевки, кабли, па што има да смислуваат решение, ќе му се секираат за некое дрво, пушти пилата и решен проблем башка ќе се отвори тендерче, ќе си посадат нови, со помали стебелнца, важно да се брои, плус ќе си пораснат цифрите на ново посадени.Друга работа е што во приказнава ич не се замаарат што толку многу дрвја им се разболуваат на толку мал простор, очигледно некој не си ја работи работата за која е платен, ама тоа за нив е нормалан работа. Нормално им е да ги соголат корењата, со бетон да ги премачакаат, да ги асфалтираат, важно улица реконструирале - достигнување, вредно за жртва од децениски израснати дрвја“, се вели во реакцијата на О2.

Вчера Саша Богдановиќ, градоначалникот на Општина Центар, информира дека екипи на ЈП „Паркови и зеленило“, отстрануваат 13 дрва при реконструкција на улицата „Орце Николов“, на потегот од раскрсницата со улица „Ленинова“ до раскрсницата со улица „Рузвелтова“.

„Дрвата кои се отстрануваат се стари и болни, со трули стебла, чии гранки удираат во станбените објекти кои се наоѓаат на улицата и претставуваат опасност за минувачите“, рече Богдановиќ.

Градоначалникот најави дека отстранетите дрва наесен ќе бидат заменети со нови, висококвалитетни садници од видот Јавор.

Во меѓувреме граѓани реагираат дека дрвата биле израснати и зрели, како и дека Богдановиќ пред реконструкцијата ветил дека ниту едно дрво нема да се исече.

И зелената партија ДОМ вчера реагираше дека со голема загриженост ги следи фотографиите и реакциите на социјалните мрежи за сечата на дрворедот на „Орце Николов" и јавно поставува прашање до Општина Центар, зошто е направен овој „масакар" врз дрворедот.

„Зошто се сечат дрва без никаква најава и објаснување? Да не забораваме дека на вака 'зацементиран' град каде што се случува урбанистички хаос, секој ваков дрворед е важен за благостостојба на граѓаните и на животната средина", пишува во партиското соопштение.

ДОМ апелира итно да престане сечењето на дрвјата, да се обнови дрворедот и да се обезбедат нови зелени површини во општина Центар.