Свет
27. October 2016 - 8:49

Обама и Ердоган вo телефонски разговор ги планирале следните дејствија против ИД

Претседателите на САД и Турција, Барак Обама и Реџеп Тајип Ердоган вчера во телефонски разговор ги разгледувале следните чекори во воената операција против терористичката групација Исламска држава, соопшти прес-службата на Белата куќа.

Обама дал висока оцена за учеството на Турција во акциите, особено поддршката на Анкара за сириските вооружени групи, коишто ги поттиснаа џихадистите од сириско-турската граница, пренесува ТАСС.

Американскиот претседател посочи и на неопходноста од тесна координација меѓу Вашингтон и Анкара со цел умножување на успесите и елиминирање на заканата, наречена Исламска држава. Тој исто така, го поздравил и постојниот дијалог меѓу Анкара и Багдад за меѓусебна соработка во Ирак.

Двајцата шефови на држави се согласиле околу почитувањето на територијалниот интегритет на Ирак и дека Курдската работничка партија, што и Вашингтон и Анкара ја сметаат за терористичка организација, не треба да добие засолниште во Северен Ирак.