Македонија
29. August 2024 - 16:35

Обид за поткуп имало и кон Николовски, повлечени членовите на Комисиите за избор на изведувач

Поткупот за изградба на пругата кон Бугарија, го понудиле фирми што конкурирале да ја градат железницата. Вицеприемиерот и министер за транспорт, вели дека повеќето биле несериозни, а нивни посредници со подмитување се обидувале да ја добијат работата.

„Има пријавено седум учесници, а најголем дел од нив можам да кажам дека се несериозни. На овој повик нема пријавено ниту еден учесник од сериозна земја членка на ЕУ. Мислам дека тоа се кажува во однос на тоа какви компании учествуваат и да, тие компании мислат дека преку свои посредници можат да направат обид за поткуп кај мене, кај премиерот, можеби членовите на еваулационата комисија“, изјави Александар Николоски, Министер за транспорт и врски.

Во меѓувреме, разрешени се членовите од комисиите кои требало да изберат фирма изведувач и надзор, а го претставувале министерството и железници..Во средината на идниот месец требаше да изберат која од седумте компании да ја гради последната фаза од железницата кон Бугарија.

„После јавно изнесените информации кои премиерот ги даде за обид за корупција, ние решивме денеска да ги повлечеме членовите кои се дел од тимовите за еваулација и од делот за надзор и од делот за изведба затоа што тоа е најмалку што можеме да направиме за да сфатат сите кои што се обидуваат да направат поткуп дека со нас нема играње“, вели Николоски.

Според Николоски, владата останува на планот за железничко поврзување со Бугарија, но како што вели, сегашниот проект е нереален и завршува во тунел. Се воделе разговори со ЕУ и банките и во договор со властите во Софија очекуваат проект кој пругата ќе ја премине македонско-бугарската граница.

Министерот вели дека проблематичен градежен проект е и автопатот кон Блаце. Во тек била ревизија бидејќи поливина од 12 километрската делница требало да минува низ тунели.