Македонија
8. November 2016 - 15:12

Обука „Успешно претставување на саем“ во Струмица

Обука на тема „Успешно претставување на саем“ од денеска се одржува во Струмица, во рамки на проектот „Создавање поволно деловно опкружување за економска одржливост на прекуграничниот регион Струмица-Кичево-Кукуш“- Бизнис мрежа С-К-К. Проектот е финансиран од ЕУ преку ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција 2007-2013 година.

Вклучените во процесот велат дека за развој на бизнисот важно е саемското претставување.

- Ние во Кичево досега направивме три саеми, два на национално и еден на балканско ниво. Во иднина сакаме да го прошириме учеството. Сето ова е со цел да ги направиме потребните чекори за развој на земјоделството. Поконкретно, главна цел ни е да го развиеме пчеларството преку сертифицирање на медот за рурален развој, но и за реален приход. Саемите и оваа соработка ни е одлична можност да научиме нешто повеќе за да одиме во нагорна линија, изјави Коста Галимановски од Здружението на земјоделци „Виножито“ од Кичево.

Искуствата на грчките претставници покажуваат дека саемите се клуч за развој на бизнисот.

- Јас сум сопственик на училиште за јавање. Досега сме учествувале на многу саеми во Грција, но и во земјите од Европската унија. Никогаш не е доволно претставувањето на потенцијалот и затоа ценам дека оваа обука ќе ни понуди алатки за презентација, продлабочување на контатките со потенцијалните бизнис партнери, за поуспешно претставување на нови саеми. Со ова треба да ја подобриме и онака тешката економска состојба во која се наоѓаме, рече Сатирис Пасуљас, гостин од Кукуш.

Саемите се историски најстарата форма за економска размена, велат предавачите на обуката.

- Саемите се важни зошто историски гледано тие постоеле стотици години, тие се еден вид собири каде се случува економска размена, продажба, соработка, што е ново и можност да се презентираат, но и прифатат новитетите. Одлична е идејата да се вклучат Струмица, Кукуш и Кичево. Овие три дена бизнис претставниците треба да научат дали да донесат одлука да учествуваат на самите, како да се претстават, затоа што тоа е клучно за придобивките за вашата фирма, рече Методија Саздов, предавач на обуките.

Од општина Струмица информираат дека на обуките присуствуваат претставници од повеќе сектори.

- Сакаме со обуката да овозможиме успешна презентација со цел учесниците да се информираат за можностите за саемите, подготовките за саем штандови, комуникација со посетители како излагачи, планови за учество, придобивките и ризиците од саемите, саемските пораки и слично, изјави Анита Крамарска од општина Струмица.