Македонија
17. April 2026 - 16:40

Обвинетиот Јовановски физички ја нападнал сопругата пред таа да се самоубие, тврди дека бил испровоциран

Обвинетиот Стојанче Јовановски призна дека физички ја нападнал неговата сега почината сопруга, дента кога таа се самоуби со нивното дете, но вели бил испровоциран. Неговиот колега Мартин Саздов истиот ден му покажувал експлицитни видеа од себе и Ивана, како и нивна меѓусебна комуникација, со што сакал да му укаже дека тие одржувале контакт скришум од него.

На критичниот ден, кога таа посегна по својот живот и животот на нивното дете, обвинетиот тврди дека и Саздов ја тепал Ивана во колата и не му било прв пат, а таа подолг период трпела закани од него.

-Мартин ми рече дека имал уште многу работи да ми кажува во врска со Ивана и предложи да ме однесе во Кривичниот суд и да ми раскаже што знае за Ивана. Ми кажа дека тој и Ивана биле во постојана комуникација, биле во интимни односи. Саздов го извади неговиот телефон и имаше видео-клипови и слики од нив двајца. Јас го прашав Мартин зошто ми ја подметнале дрогата во возилото, дека не им се плашам ни на двајцата, дека вистината ќе се докаже порано или подоцна. Ивана кажа дека ѝ се заканувал Мартин. Мартин ја праша кој ти се заканувал, се сврти и со десната рака ја удри Ивана во лицето.

Според исказот на обвинетиот, неговата сопруга Ивана му признала дека таа му помогнала на Мартин Саздов да му подметнат дрога во автомобилот.

Според Обвинителството исказот на Јовановски бил очекуван и во насока кон тоа да се прикаже како жртва, за да ја избегне кривичната одговорност што му се става на товар.

Според сведочењата на вештаците, кај починатата биле утврдени повреди во пределот на лицето кои биле настанати една недела пред критичниот ден, но и повреди кај вратот кои сметаат дека се од денот на самоубиството или дента претходно.

Во анализите од крвта и урината на обвинетиот се пронајдени кокаин и лекови за смирување.

Завршните зборови за судењето во кое е обвинет Стојанче Јовановски за тепање, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство на сопругата се на 28 април.