Обвинителството со докази за инспекциски надзори, според одбраната тие се нерелевантни за пожарот
Како постапувале инспекторите во Кочани кога вршеле редовни и вонредни контроли во кафулето Класик и фирмите поврзани со Дејан Јованов Деко беа приложени како докази денеска во судницата. Според извештаите од контролите кои ги преезентираше Обвинителството, иако биле утврдени нерегуларности во овие фирми, не биле преземени никакви мерки. Документацијата ги отвара прашањата за односот кои го имале инспекторите и општината кон фирмите поврзани во Јованов.
Обемната документација која се приложува на крај ќе треба да ги даде одговорите за одговорноста за најголемата трагедија која ја памети Македонија и загубените 63 животи.
Но според одбраната, доказите немаат никаква врска со пожарот во Пулс. Постапката се одолговлекува и нема никаква поврзаност со обвинението, а секое рочиште чини 100.000 евра државни пари.
Секој доказ е чекор поблиску до вистината, порачаа родителите на загинатите во пожарот во дискотеката, реагирајќи на денешните забелешки на адвокатите.
Наместо суштински осврт на изнесените докази, повторно слушавме коментари, приговори и забелешки што повеќе наликуваа на обид да се создаде впечаток на активност, отколку да се даде одговор на прашањата што ги отвораат доказите, велат од Здружението на родители.
Одбраната се бунеше дека доказите се прикажуваат на начин што им отежнува увид и подготовка, оценувајќи го постапувањето како нефер.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
