Од Романија пристигнаа авион и хеликоптер за гаснење пожар, активни седум огнени стихии
Во текот на изминатите денови на повеќе места во земјава избувнаа пожари кои уништија огромна површина шума, но и имоти. За жал, се уште има активни пожари кои претставуваат опасност за целата држава. Поради лошата состојба со пожарите во земјава, од Романија пристигнаа авион „Ц-27 Спартан“ и хеликоптер „Канадер Т21“, кои се специјализирани за гаснење пожари.
– Авионот „Ц-27 Спартан“ на романското Воено воздухопловство, кој е специјализиран за гаснење пожари и има капацитет од дејствување со шест тони вода врз пожарите, пристигна во земјава и може веднаш да започне со операција за гаснење на пожари, соопштија вчера од Министерството за одбрана.
Од Центарот за управување со кризи вчера соопштија дека специјализираниот хеликоптер за гасење пожари „Канадер Т21“, кој пристигна од Романија, ќе биде распределен таму каде што е најкритично.
Раководителот на Секторот за операции и координација при Центарот за управување со кризи, Горан Стојановски најави дека во земјава се очекува да пристигне и авионот „Хекрулес 530“, што е товарен и е прилагоден дополнително за гасење на пожари.
– Се работи за специјализиран авион, за специјализирана намена кој со себе носи материјално-технички ресурси, носи луѓе, пожарникари и шесттонски кеси наполнети со вода и при летањето на подрачјето кое му се задава како координати за активен пожар тие се хидраулични и во форма на падобран бомба се концентрираат на пожарното дејствие каде практично е изворот на жариштето на пожарот. Тоа се големи авиони, нормално во координација со ВИНГ-от и со Генералштабот, нагласи Стојановски.
Тој рече дека верува оти со овие материјално-технинчки средства и летала кои навистина се користат за оваа намена, за големи пожари и ќе бидат добредојдени со оглед на временските педиспозиции кои се очекуваат – сончево, топло време и можноста од дополнителен развој на ситуацијата со дополнителни пожари многу ќе придонесе за да можат со нив да се справат.
Според последните вчерашни податоци на ЦУК, на територијата на земјава беа активни седум пожари и тоа во малешвскиот регион кај местото викано Бајаз Тепе на потегот од селото Будинарци кон селото Разловци, кај делчевското село Нов Иственик, на потегот од село Криви Дол кон Кадрифаково на граница помеѓу Свети Николе и Штип, на непристапните делови во атарите на селата Дрен и Смолане во Прилепско, близу село Дамјан кај Радовиш, кај велешкото село Џидимирци, во скопското село Градманци и во атарот на селото Жељувино во кумановско Старо Нагоричане.
Владата на синоќешната седница донесе Одлука за дозвола на Дирекцијата за заштита и спасување за употреба и управување, доколку постои потреба, со 50.000 литри течно вештачко гориво керозин, без надомест, од ресурсите на министерствата за одбрана и за внатрешни работи.
Како што соопшти владината Прес-служба, Одлуката е донесена врз основа на анализи и процена на природата и интензитетот на кризната состојба, како и потребата од рационално користење на националните ресурси и сили во нивната континуирана ангажираност во справувањето со последиците и потребата од дополнителни летови во наредниот период, имајќи предвид дека министерствата за одбрана и за внатрешни работи располагаат со доволна количества на керозин.
Премиерот Зоран Заев вчера упати апел да се внимава, со цел да се спречат ризиците кои можат да предизвикаат пожар.
– Шумите лесно се палат, а тешко се гасат – порачувам да внимаваме сите, да ја ставиме безбедноста на прво место и да ги спречиме сите ризици кои може да предизвикаат пожар, објави премиерот Зоран Заев на својот профил на Фејсбук.
Тој во објавата потенцираше дека во овие денови на регионална солидарност, уште еднаш упатуваат огромна благодарност за помошта која е веќе на теренот, а пристигна од Србија, од Словенија и од Австрија, како и за двата авиони од Романија.
– Ситуацијата ја следиме постојано и будно, во постојана ангажираност и координација се сите капацитети на државата и заедно со граѓаните и со пријателската помош заедно ќе се справиме со оваа опасност, додаде Заев.
Тој, околу сервисирањето на хеликоптерите појасни дека истите се сервисираат постојано, а проблем според него, има и со авионите, конкретно недостигаат компании за сервисирање, регистрирање, одржување и лиценцирање поради што многу често жалбените постапки согласно Законот за јавни набавки никако не завршуваат.
– Овие денови побаравме можност преку Бирото за јавни набавки по пат на преговарање да се ангажираат најблиските фирми. Отворивме можност, амбасадите помагаат, влада со влада со Хрватска затоа што нивните воени служби ги имаат лиценците и можноста да го направат сервисирањето на канадерите, на авионите и дефинитивно секогаш кога ни се случуваат вакви несреќи, вакви непогоди, вакви пожари сите сме свесни колку е важно да бидеме подготвени, додаде премиерот.
Владата како што, посочи, и досега помагала, според него, има обновено голем дел од противпожарните единици, има многу нови возила, но и најголем дел се со застарена механизација. Најави продолжување и понатаму со уште поинтензивно темпо да се набавуваат средства, машини, противпожарни возила, се што им треба на пожарникарите.
– Комплименти за сите оние општини коишто ги наградија овие денови самите пожарникари заради тоа што навистина некои имаат непрекинати часови повеќе од ден, два, три коишто се на терен и навистина заслужуваат. Јас реков, тие се нашите херои – заедно пожарникарите, Армијата, полицијата, ЦУК, ДЗС, но и локалното население како и голем ата благодарност до пријателските земји што помогнаа, рече Заев.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска која вчера ги посети припадниците на Армијата упати искрена благодарност до нив и до колегите од Србија и Словенија за натчовечките напори дадени за гасење на пожарите и порача дека припадниците на Армијата мотивирано и посветено продолжуваат во борбата со огнените стихии.
Лидерот од опзициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара формирање централно кризно тело од експерти и итна собраниска седница.
– Состојбата на терен е пресложена и пресериозна. Делови од Македонија се зафатени од сериозна огнена стихија, а народот е оставен сам на себе да се спасува кој како може, умее и знае. Имаме целосно, целосно потфрлање на системот кој нефункционира. Сакам да испратам апел за целосна мобилизација на се што може да се мобилизира од институции, ресурси и човечки потенцијал и заеднички да се спротиставиме на огнениот пустош, наведе Мицкоски.
Од Министерството за внатрешни работи апелира строго да се почитува забраната за движење во шумските предели, граѓаните максимално да се воздржат од палење огнови, отпадоци, меѓи и стрништа на нивите, да не се фрлаат неизгаснати догорчиња и да не оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце, можат да предизвикаат пожар. Неопходна е, како што истакнаа, максимална будност и целосно одговорно однесување на секој поединец.
Од друга страна, од Хелсиншкиот комитет за човекови права нагласија дека Министерството за труд и социјална политика, во соработка со општините, треба да им пружи неопходна финансиска и психосоцијална поддршка на најзагрозените.
– Државата треба да ги стави на располагање своите сместувачки капацитети, за навремено да се згрижат лицата чии живеалишта се опожарени или кои се во непосредна близина на пожарите. Исто така, исплатата на соодветен надомест за санирање на штетите врз објектите и посевите мора да биде навремена, нагласија од Хелсиншкиот комитет за човекови права, осврнувајќи се на пожарите кои ја зафатија земјата. Оттаму истакнаа дека она што во моментов е итно и неодложно е заштитата на луѓето кои се најпогодени од огнената стихија.
Во насока на спречување идна и поголема штета, од Комитетот апелираа до надлежните институции да ги засилат контролите во шумите на територијата на целата држава, а лицата, за кои ќе се докаже дека подметнале пожар, да одговараат за своите кривични дела.
– Оттука, апелираме до Основното јавно обвинителството итно и транспарентно да постапи во случаите каде што веќе има осомничени, потенцираа од Хелсиншкиот комитет.
Ново на Сител
-
СДСМ бара нула данок за основната храна, предлог кој го одбија лани од ВМРО ДПМНЕ
-
Јавна расправа: Има ли спас за студентските домови во Македонија?
-
Жители на Батинци: Живееме како во контејнер оти Дрисла пушта канцерогена вода во Маркова Река
-
Хирурзи и специјалисти од приватни болници се враќаат во државното здравство
-
Кривични пријави против Вучиќ, Брнабиќ и Вучевиќ
-
Преглед на вестите од светот
-
Филипче: СДСМ се подготвени за избори
-
Меџити: Има стабилно мнозинство, предвремени парламентарни избори се само трошок за државата