Бизнис
27. July 2020 - 16:35

Од септември поскапува струјата?

Поскапува струјата од септември. За колку, се уште се преговара со енергетските компании. Сите пријавиле зголемени трошоци, а колку ќе им се признаат,  во петок ќе одлучи Регулаторната Комисија за енергетика. Корона кризата драстично ја намали потрошувачката на струја, не само кај нас, туку и во регионот, што негативно се одрази врз приходите на државните МЕПСО и ЕСМ. Со тоа, според првиот човек на Регулаторна, доведено е во прашање нормалното функционирање на енергетските компании. Изјавата на Бислимовски ја наговестува корекцијата на цената на струјата нагоре.

-Нема продажба на вишокот електрична енергија од  Електрани на Северна Македонија. Ако минатата година тие изнесуваа 22 милиони евра, сега имаат само една продажба која изнесува пет милиони евра што прави сериозен притисок врз нормалното функционирање на ЕСМ. Исто така и дополнителните приходи што ги остваруваше МЕПСО од прекуграничните преносни капацитети кои во 2019 година изнесуваа околу 22 милиони евра, оваа година изнесуваат само околу 11 милиони евра. Заради намалената потрошувачка во регионот, овие приходи и во ЕСМ и во МЕПСО за жал, ги немаме во овој период, изјави Марко Бислимоски.

Цената на електричната енергија, согласно Правилникот се утврдува еднаш годишно, до 30 јуни. Но поради вонредната состојба - рокот се пролонгира по барање на енергетските компании кои требаше да достават веродостојни пресметки, со издржани трошоци. За да бидат одлуките реални, но и за да се заштитат граѓаните кои ја плаќаат крајната цена, Регулаторна одлучи новите цени да стапат на сила по изборите, односно да се вкалкулираат во септемвриските сметки.